Македонија
13. December 2016 - 12:34

Институтот за историја одбележува 70 години постоење

Институтот за историја при Филозофскиот факултет денеска и утре со меѓународна научна конференција одбележува 70 години постоење. Во холот на Филозофскиот факултет поставена е и изложба на научни изданија од богатата библиотека на Институтот која има околу 60.000 наслови.

Групата за историја со историја на уметноста се вбројува меѓу првите студиски групи на Филозофскиот факултет кој, пак, е првата високообразовна установа на македонски јазик. Групата била формирана на 3 декември 1946, а на 16 декември почнала наставата - најпрво со скромен кадар во кој први предавачи биле Љубен Лапе, Димче Коцо, Методија Соколовски и Томо Томовски. Во 1973/1974 групата за историја на уметност и археологија се конституирала како самостоен субјект на Филозофскиот факултет, а групата за историја во 1977 прераснала во наставно-научна студиска група за историја. По една деценија таа се транформирала во Институт за историја. 

Отворајќи ја конференцијата, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Никола Јанкуловски го нарече Институтот прв нуклеус на македонската историска мисла и историско образование, чии членови  придонеле и во конституирањето на другите научни и стручни институции кои се директно позврани со историската наука и со собирањето и презентирањето на историското наследство и сознанија.

- Ако првата генерација македонски историчари одговорила на предизвикот и ги поставила основите на нашето минато и на историското образование, на сегашната и претстои да даде одговор на разните рецидиви од минатото и неговото различно толкување, рече Јанкуловски.

Потсети дека од овој институт произлегол еден ректор на УКИМ - Христо Андонов Полјански, првата жена проректор - Славка Фиданова, двајца декани на Филозофскиот факултет и тројца академици на МАНУ - Димче Коцо, Љубен Лапе и Стјепан Антуљак. 

Деканот на Филозофскиот факултет Горан Ајдински истакна дека кадарот на Институтот успешно ги следи трендовите во историската наука во 21 век. 

- Кога се зборува и пишува за македонската историографија често се вели дека е тоа млада историографија, но сега таа слави 70 години и заслужува да застане рамо до рамо до постарите европски центри. Историјата не е егзактна наука. Напротив, многу аспекти во историските теми постојано се надополнуваат, а тезите во историските дела неретко бараат преоценување, рече Ајдински очекувајќи дека учесниците на дводневната конференција ќе придонесат за збогатување на историската наука. 

Раководителот на Институтот за историја Ванчо Ѓорѓиев истакна дека до неодамна Институтот бил единстевна високообразовна институција во Македонјиа која едуцира кадар за изведување настава по историја во основното и во средното образование, а до пред една деценија и единствена институција што едуцирала стручни кадри за историската наука. На Институтот за историја се реализираат студиски програми од  прв, втор и трет циклус, а досега, рече Ѓорѓиев, одбранети се 137 магистерски тези и 99 доктрски дисертации. 

Вработените на Институтот учествуваат во креирањето и развојот на наставните програми по историја за основното и средното образование, придонеле во конституирањето на Институтот за национална историја и на Државниот архив на Македонија, вклучени се во историски национални проекти, имаат богат творечки опус и за својата дејност се добитници на награди и признанија. Самиот Институт за историја е носител на државната награда за наука „Гоце Делчев“.