Македонија
13. September 2019 - 16:16

Институциите си ја префрлаат одговорноста, одбиените пациенти ја продолжуваат битката

Специјалист Невропсихијатар, интернист, физијатар и специјалисти по семејна и медицина на трудот одлучуваат кој има право на инвалидска пензија. Тие се во редовен работен однос во ПИОМ и врз основа на медицинската докуметнација утврдуваат дали пациентот е работоспособен или не може да се грижи сам за себе.

Во февруари годинава, овие лекари по четври пат го одбиле Бане Најдовски од Ајватовци со образложение дека нема губење на општата способност за работа иако боледува од алцхајмер, има васкуларна деменција носи пелени за возрасни и користи туѓа нега. Истиот месец со истото образложение пензија не добил и 52 годишниот Ацо Јовановски од Скопје кој има сериозни физички последици по прележан мозочен удар. Во одговорот што го добивме од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување велат дека Комисијата работи според правилник.

На прашањето како може лица со тешки дијагнози по неколкупати да молат за инвалидска пензија, министерката за труд и социјала вчера не упати одговорите да ги бараме во ПИОМ.

-Јас неколкупати одговорив до вас за ова прашање, побарајте во ПИОМ тие се лекари вработени во ПИОМ и ќе ви дадат одговори, вели Мила Царовска, министер за труд и социјална политика.

-И додека Царовска вели да се обратиме во ПИОМ, од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на нашето прашање кој ја контролира работата на лекарите во комисиите, не упатија во Министерството за труд и соцџијална политика каде предметите подлежеле на ревизија.

Додека надлежните си ја префрлаат топката, расте бројот на граѓани кои не можат да го остварат правото на инвалидска пензија и покрај здравствената состојба и медицинска документација.

-Мајка ми со две ампутирани нозе ја тераа скроз да се соблече да ја провереле дали лаже и два пати ја одбиваа за пензија.

-бездушници, татко ми закачен на апарат за кислород со 20 проценти работа на плуќа го одбија 2 пати со изговор дека е 50 проценти работоспособен а поседува еден тон медицинска документација со хоспитализации во болница дека е работонеспособен.

Семејството на Бане најдовски од Ајватовци собира нова документација за по петти пат да се појават пред Комисијата за инвалидска пензија. Од битката не се откажува и 52 годишниот Ацо Јовановски кој е решен да оди и до Стразбур.