Македонија
18. December 2019 - 16:11

Инсталирани нови мерни инструменти за PM10 честички во Лисиче, Гостивар, Кичево, Велес 2 и Кавадарци

Инсталирани се нови инструменти за мерење на РМ10 честички во автоматските мониторинг станици за квалитет на амбиентален воздух – Лисиче, Гостивар, Кичево, Велес 2 и Кавадарци, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

Појаснуваат дека Министерството по спроведување отворена постапка за доделување на договор за јавна набавка на пет автоматски анализатори за мерење на суспендирани честички PM10 и на пет системи за прибирање и обработка на податоци, информира дека во автоматските мониторинг станици за квалитет на амбиентален воздух Лисиче, Гостивар, Кичево, Велес 2 и Кавадарци се инсталирани нови мерни инструменти за мерење на РМ10 и истите се ставени во работен режим.

Податоците од извршените мерења, од денеска се достапни за јавноста на веб порталот за квалитет на амбиентниот воздух: air.moepp.gov.mk.

МЖСПП информира дека инструментот за симултано мерење на РМ10 и PM2.5 од Куманово е исклучен од системот поради технички проблем. Во моментот кога ќе се отстрани проблемот инструментот ќе биде ставен во работен режим.