Бизнис
18. јуни 2020 - 19:33

Инспекторите открија угостители кои не ги почитуваат мерките за заштита од Ковид-19

11 угостители  од Скопје, Тетово, Штип и Куманово заработија кривични пријави за непочитување на владините протоколи – односно работа и по 22 часот, како и служење гости во затворениот дел на објектот, информира пазарниот инспекторат. Од извршените контроли оваа недела без дозвола затекнати се и над 24 даночни обврзници.

За жал, има и такви кои ја користат ситуацијата и не ги почитуваат протоколите. Најмногу кривични пријави, по општини се поднесени во Чаир и Тетово, вели Стојко Пауновски, директор на Државен пазарен инспекторат.

Од извршените контроли кај 670 работодавачи, поснесени се 25 пријави и уште толку укажувања за газдите кои не ги почитуваат препораките и не ги ослободиле од работа бремените жени, самохраните мајки со деца до 10 години, како и хронично болните, за неносење заштитна маска и ракавици. Но бројката е поголема, затоа Трудовиот инспекторат апелира – лицата да не се плашат и да пријавуваат, нивниот идентитет никој нема да го дознае.

Анонимно е пријавувањето, но луѓето се плашат и не пишуваат никакви податоци, дури ни за која фирма се однесува претставката, така што не можеме да постапиме по пријавата. Јас ги охрабрувам да не чекаат, луѓето од мака пишуваат, туку да пријават, а ние ќе постапиме по пријавата, Аљадин Хавзиу, директор на Државен инспекторат за труд.

13 прекршувања имало и при организираниот транспорт на вработени во големи фабрики, од кои сите пријави се за Штип, Кавадарци и Скопје. Сепак, според надлежните инспектори, генерално свеста кај граѓаните за заштита од ширење на корона вирусот расте, а се зголемува и хигиената и дезинфекцијата на објектите.