Бизнис
9. January 2019 - 19:40

Инспекторите ќе контролираат стотина фирми кои не исплатле К-15

Вработени од над 100 компании пријавиле до Трудовиот инспекторат дека не им бил исплатен К-15. По утврдувањето дека некоја компанија нема исплатено К-15, трудовиот инспектор и дава рок на компанијата да го исплати. Доколку не го испочитува решението, компанијата добива 3.000 евра казна.

-Ова се претставки од вработени за кои што Државниот инспекторат за труд е потребно да излезе на терен и да ја констатира фактичката состојба и да утврди дали наводите од претставките се точни, рече владиниот портпарол, Муамет Хоџа.

Трудовиот инспекторат врши засилени контроли во фирмите за исплатата на регресот за годишен одмор. Надзорот ќе се спроведува до крајот на февруари. Мета на инспекторите се компании од сите дејности, вклучително и текстилните фабрики.

Засилениот инспекциски надзор во областа на производство на  текстил и чевли е од причини што најголем број на претставките  во изминатите години беа од работниците во наведените дејности, велат од Министерството за труд и социјална политика.

До здружението за заштита на правата на работниците, Гласен Текстилец поднесени се претставки за околу 70 компании од сите дејности кои не исплатиле к-15.

Секој работник во приватниот сектор има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 отсто од основицата, под услов работникот да работел најмалку шест месеци во годината кај ист работодавач. Компаниите имаа обврска регрес за годишен одмор да исплатат до 31 декември.