Македонија
29. November 2021 - 16:42

Инспекција на терен: Учителка во градинка ги забавувала дечињата со турбо фолк

На цел глас пуштена турбо-фолк песната „Жена од султана, додека 5 годишни деца од градинка во скопската населба Карпош играат на музиката поттикнати од нивната учителка. Ова се гледа на видеото кое се шири на социјалните мрежи и за кое реaгираа родители кои ја добиле снимката од наставничката како увид во активностите на нивните деца додека се во градинка.

По реакциите се активираа и институциите. Од Министерството за труд и социјална политика велат дека ќе извршат вонреден инспекциски надзор во градинката  каде децата играат на несоодветна музика за нивна возраст.

Министерството за труд и социјална политика ја информира јавноста дека веднаш ќе испрати вонреден инспекциски надзор во соодветната установа за згрижување и воспитување на децата.

Јавните установи за згрижување и воспитување на деца работат врз основа на Програма за рано учење и развој која воспитно – згрижувачкиот кадар е должен да ја спроведува. Надлежните  инспекциски служби ќе ја утврдат фактичката состојба околу спроведувањето на Програмата, по што ќе предложат соодветни мерки, велат од министерството.