Бизнис
9. October 2015 - 19:49

Иновациите во фокусот на годинашната „Технома“

Иновациите ќе бидат во фокусот на годинашното 41. издание на Меѓународниот саем „Технома“ што ќе се одржува од 13 до 17 октомври на Скопскиот саем.

На саемот ќе се претстават повеќе од 185 изложувачи од кои 50 од странство, а првпат годинава ќе има и компании од Тајван. 

Во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој ќе биде организиран Форум за иновации на кој сите кои сакаат да почнат бизнис ќе може да се информираат за тоа што им се нуди како поддршка за иновативноста, а тој е можност да се направи обид за вмрежување на академската заедница, бизнис секторот и државата.

- Секој ден имаме предвидено активности од 11 до 18 часот со тоа што ќе имаат можност сите оние кои се заинтересирани да дојдат да се информираат, меѓутоа и да најдат потенцијални партнери за аплицирање на средства до Фондот за иновации. Ова е многу важно затоа што за да функционира еден иновациски национален систем неопходно е да има активно вклучување на научно-истражувачките и високообразовни институции, бизнис заедницата и државата, изјави директорката на Фондот за иновации Јасмина Поповска на денешната средба со новинарите.

На годинашното издание на „Технома“ ќе бидат присутни пет високообразовни иснтитуции, главно техничките факултети, но од Скопски саем се надеваат дека следните години нивниот број ќе се зголеми.

Истовремено за време на „Технома“ ќе бидат отворени и 35. Меѓународна изложба на иновации „Макинова“ и 16. Меѓународен саем за занаетчиство и мало стопанство. 

Саемот ќе се одржува во три хали на кои ќе се претстават фирмите, а во четвртата хала ќе се одвиваат Макинова и Форумот на иновации.