Македонија
21. May 2021 - 11:20

ИНМЕМОРИАМ: Почина легендарниот македонски кошаркар Војислав Зивчевиќ - Тумба

Синоќа ненадејно во 60-тата година (1961) од живото почина еден од најистакнатите македонски кошаркари Војислав Зивчевиќ – Тумба. 
 
Популарниот Тумба својата кариера ја градеше во редовите на МЗТ Скопје Аеродром, тим со кој како еден од предводниците во сезоната 1986-87, за прв пат го однесе тимот од Аеродром во тогашната Прва југословенска сојузна лига. 
 
Со своите игри и пред се борбеност Зивчевиќ се избори и за место во тогашниот Б тим на репрезентаијата на СФРЈ. 
 
Покрај сино-белиот дрес на МЗТ Скопје, Војислав Зивчевиќ настапуваше и за најтрофејниот македонски клуб Работнички, од каде мина во редовите на Вардар, па кочански Деликатес за кој настапи три сезони, а кариерата ја заврши во редовите на Никол Ферт со кој ја освои единствената шампионската титула за тимот од  Гостивар. 
 
Популарниот Тумба во кошаркарските кругови ќе остане запаметен како вреден, упорен и борбен играч, кој им пркосеше на сите противници, па дури и најголемите ѕвезди во тогашна Југославија. 
 
Секогаш ведар, насмеан и расположен за кошаркарски муабети, последните неколку години од својот живот ги мина посветен на својот внук Тео во кого гледаше уште еден наследник во кошаркарската лоза Зивчевиќ, покрај својот син и ќерка Ненад и Ивана.