Македонија
22. July 2018 - 16:30

Иницијатива за помирување - работа за мирот над гробовите на загинатите

На иницијатива на професорката по германски јазик, Мануела Котеска, од средното училиште „Кузман Јосифоски-Питу“ од Прилеп за прв пат во Македонија се реализира проектот „Работа за Мирот и помирување над гробовите на загинатите“ во соработка со Здружението за грижа за германски воени гробишта од  Касел, - Германија. Околу 30 ученици од Германија и Македонија заеднички ги чистат германските воени гробишта  во Прилеп.

„Чувствуваат еден вид потреба, односно многу повеќе почит кон оние што ги дале своите живот тука и се погребани тука, како и желба да соработуваат, да шират познанства со младите од другите земји со цел сето ова што тука се случувало за време на двете светски војни да не се случува повеќе“, вели Мануела Котеска, професор во „Кузман Јосифоски-Питу“ од Прилеп.

Здружението за грижа за германски воени гробишта од  Касел, Р. Германија овој проект го спроведуваат веќе 23 години во сите држави од Источна Европа каде има германски воени гробишта.

„Прв пат сме во Македонија, се надевам дека нема да биде последен пат. Сакаме да работиме заеднички на овие гробишта со младите луѓе, се со цел во Европа да преовладее разумот на мирот и никогаш да не се повторат војните“, изјави Руберт Хопс, професор од „Јорг Цурн“ Уберлинген – Германија.

Учениците од Германија велат дека многу им се допаѓа и тоа што можат да научат повеќе за нашата историја и култура.

„Ги обележуваме повторно имињата на загинатите за да може луѓето да дојдат тука и да се потсетат што се случувало за време на Првата Светска Војна и колку луѓе загинале“, вели Јаник Бронварт, ученик од „Јорг Цурн“ Уберлинген – Германија.

„Мината недела ги расчистувавме гробиштата во Битола. Сега сме во Прилеп, ми се допаѓа тоа што се дружиме со нашите врсници од Македонија“, рече Оли Воцајло, професор од „Јорг Цурн“ Уберлинген – Германија.

И младите од Прилеп велат дека сакаат да научат за другите култури, да научат да ги почитуваат разликите, затоа се вклучиле во проектот.

„Целта на овој проект е да не потсети дека лошите судбини на овие војници треба да не потсетат на тоа дека треба да го зачувуваме мирот“, рече Маја Паноска, ученик од „Кузман Јосифоски-Питу“ Прилеп.

Проектот завршува утре со свеченост која ќе се одржи тука на германските воени гробишта во Прилеп, а ќе присуствуваат и претставници на амбасадата на Германија во Македонија.