Македонија
3. January 2016 - 17:14

Инфраструктурни проекти во Источна Македонија

Најдоцна до март регионалниот пат  Николиќ  Нов Дојран ќе биде целосно реконструиран. Трасирањето и тампонирањето на еден од најважните патни правци во Дојран веќе е завршено  и наскоро се очекува негово асфалтирање.

Наместо досегашнате  близу  4 метри патот  ќе биде широк  6 метри  и од локален ќе премине во регионален.  Целата делница има должина од околу 6 километри. Финализацијата на проектот ќе значи многу не само за жителите на Николиќ, туку и за економијата во регионот и развојот на туризмот.

-Она што го гледаме како додадена вредност освен олеснување на секојдневното живеење на жителите од Николиќ, подоброто комуницирање на Дојран стил со Дојран и со Грција како нивна рута придонесува и за еден вид заокружување на целото крајбрежје на Дојранско езеро од македонска страна со еден нов современ, модерен регионален правец кој веруваме дека понатаму со урбанизацијата која сега ја правиме токму на село Николиќ ќе поттикне еден развој токму и на тој дел од крајбрежјето на Дојранско  езеро и зошто да не и таму да почне да се развива туризмот во нашата општина.,, вели Борче Стамов – градоначалник на општина Дојран

Реконструкцијата на патот Нов Дојран Николиќ  чини  50 милиони денари, средства обезбедени преку јавното претпријатие за државни патишта. Овој патен правец е најголемиот  но не и единствениот проект кој општина Дојран го реализира во делот на патната инфраструктура. Во текот на минатата година беа реконструирани и околу дваесетина улици на територијата на целата општина со што значително беа подобрени условите како за месното население, така и за големиот број туристи.