Бизнис
14. September 2018 - 10:53

Информативна работилница за царинските постапки и извоз во е-трговијата

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија започна со едукативни работилници и обуки чија цел е поттикнување на растот и развојот на е-трговијата во земјата. Темите коишто ќе бидат опфатени со обуките и едукативните работилници произлегоа од потребите на е-трговците изнесени при изготвувањето на сеопфатната Анализа за е-трговијата во Македонија, објавена од страна на Асоцијацијата во средината на оваа година.

Првата едукативна работилница на Асоцијацијата за е-трговија во соработка со Царинската Управа и ДХЛ и со поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој, беше посветена на поедноставување на царинските постапки и извоз на производи. Целта на оваа работилница беше да им се помогне на е-трговците, да се влијае на цената на производот и да се зголеми конкуретноста на странските пазари.

- Ние веруваме дека иднината за подобра Македонија е во дигитална Македонија и smart општество, а е-трговијата е интегрален дел од едно такво општество, истакна претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија Нина Ангеловска, ко-основач на Групер.

Нина Ангеловска и Танасоски

Ангеловска, која пред два дена присуствуваше на Forbes Summit во Амстердам, ја сподели приказната за младата девојка од Ирска која заедно со својата сестра е на листата на Forbes Under 30.

- Тие дизајнираат и произведуваат уникатни навлаки за инвалидски колички и ги продаваат во 65 земји во светот и имаат мисија да го променат ставот за тоа дека инвалидските колички се медицински уред. Се запрашав зошто таа девојка од Ирска не може да е од Македонија. Имаме толку млади и квалитетни луѓе кои треба да ги поддржиме. Знам дека немаме се уште PayPal, дека македонските компании немаат начин да продаваат на Amazon, eBay и слични платформи, дека се принудени да бараат креативни начини како да продаваат надвор од земјата наместо да се фокусираат на идејата, на бизнисот и како да го развиваат. Затоа Асоцијацијата ќе работи да ги олесни овие работи за нив, да помогне на домашните уметници, творци, дизајнери, производители... за утре некој друг, како јас што ја споменувам девојката од Ирска, да зборува за девојка од Македонија која продава уникатни производи во 100 држави ширум светот, истакна претседателката на Асоцијацијата за е-трговија.

Директорот на Царинската управа на Македонија Ѓоко Танасоски смета дека во полето на е-трговијата има голем потенцијал што може да овозможи раст и иновации.

- Ние како Царинска управа настапивме со партнерски однос кон Асоцијацијата и многу ми е драго што потпишавме Меморандум за соработка во којшто имаме наведено многу работи и имаме намера да ги спроведеме и од година во година да имаме позитивни резултати што ќе ги почувствуваат, пред се, е-трговците, рече Танасоски. Тој oчекува дека нивната подготвеност за соработка и отвореност да ја измени сликата за Царинската управа и е-трговијата, соопшти Асоцијацијата за е-трговија.

Златко Ветеровски, помошник директор на Сектор за царински систем и Офелија Бајо, началник на Одделение за царински и даночни постапки во Царинската управа ги информираа претставниците на околу стотина компании и е-трговци како полесно да ги извезуваат своите производи на странски пазари, за поедноставените административни процедури на Царинската управа, како да се направи поврат на ДДВ и како да се минимизираат трошоците за испорака.

За предностите за побрза и побезбедна испорака на производите до купувачите во странство пред македонските е-трговци на работилницата зборуваше Марина Антова, Sales Supervisor DHL Express Macedonia.

Во рамки на активностите на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, на 26 октомври во Скопје ќе се одржи првата Конференција за е-трговија во земјата (www.ecommerceconference.mk).

Темите на конференцијата, која ќе има дваесетина говорници, се посветени на развојот на е-трговијата, видовите на плаќања, начините на достава на производите, а ќе бидат споделени и маркетинг искуства за тоа што функционира во е-трговијата на локално и на глобално ниво.