Македонија
13. October 2016 - 13:29

Инфоден за потпрограмите „Култура“ и „Медиа“ на ЕУ-програмата „Креативна Европа“

Македонскиот издавачки сектор, кој успешно ги користеше фондовие од ЕУ програмата „Култура 2007-2013“  е  најуспешен корисник и во потпрограмата „Култура“ на „Креативна Европа“. Тоа ја лоцира Македонија меѓу шесте водечки земји на програмата заедно со Бугарија, Словенија, Унгарија, Србија и Италија, истакна министерката за култура Елизабета Канчесла-Милевска на инфоденот за оваа програма на ЕУ која треба да се спроведува до 2020 година.

- Бројот на поддржани проекти и преку новата програма „Креативна Европа“ исто така бележи одлични резултати. Нашите национални установи, невладини организации и издавачки куќи овие две години учествуваа во 26 проекти, кои од потпрограмата ,,Култура’’ на „Креативна Европа’’ се поддржани со повеќе од еден милион евра. Станува збор за осум проекти за културна соработка, 14 проекти за литературни преводи, учество во еден проект за европски платформи, а три македонски организации се активно вклучени и во категоријата на професионални европски мрежи. Интересот за учеството во оваа програма е навистина забележителен од нашите национални установи, како Струшки вечери на поезијата, Музеј и завод Битола, но и од невладините организации од културниот сектор, како Скопје џез фестивал, Центарот за иновации и дизајн „Јавна соба“ од Скопје, Музичката младина на Македонија и други македонски оператори, истакна Канческа-Милевска. 

Таа е задоволна и од поддршката на проекти во потпрограмата „Медиа“ која исто како и „Култура“ е потпрограма на ЕУ-програмата „Креативна Европа“. Република Македонија во  јули минатата година официјално пристапи кон потпрограмата „Медиа“, а од април годинава е отворена и канцеларија (Медиа-деск) во склоп на Агенцијата за филм на РМ. Досега се поддржани три проекти,  во категориите: Развој на проекти (Скопје филм студио со „Шеќерното дете“) и Фестивали („Македокс“ и ИФФК „Браќа Манаки“) со вкупен грант од 123.000 евра.

- По една година активна партиципација во програмата „Медиа’’ македонскиот аудиовизуелен сектор веќе ги покажува привичните резултати и во оваа сфера.... Верувам дека во иднина бројот на македонските апликации за програмата „Медиа“ ќе се зголемува и на тој начин уште поинтензивно ќе имаме можност да ја зголемиме циркулацијата на аудиовизуелните дела со наш печат во и надвор од Европската унија, рече Канческа-Милевска и апелираше до творците, културните и аудиовизуелните работници да ги користат фондовите од ЕУ-програмите за, како што рече, да се даде повеќе видливост на македонскиот креативен потенцијал и културните вредности. 

Заинтересираните претставници на институции од културата на дводневниот инфоден ќе може да се информираат за начинот за аплицирање и можностите што ги нуди „Креативна Европа 2014-2020“ и да ги слушнат искуствата од Матеја Лазар и Сабина Бришки од Канцеларијата за „Креативна Европа“ на Словенија, и Џефри Браун од Компанијата за европски програми–ЕУКЛИД од Велика Британија.

Агенцијата за филм на РМ е партнер со Министерството за култура во имплементација на „Медиа“. Директорката на Агенцијата Мими Ѓорѓоска-Илиевска информираше за преземените и претстојните активности - организзирани се инфоденови, презентации и мастер-класи за „Медиа“ во рамки на Скопскиот филмски фестивал, ИФФК „Браќа Манаки“ и на „Македокс“, претставување во Бугарија и на Канскиот фестивал, на Сараевскиот филмски фестивал, учество на онлајн кампања за 25 години од постоењето на „Медиа“..., а ќе следуваат и други консултативни сесии со македонски филмски работници и продуценти и со претставници на канцелариите за потпрограмата „Медиа“ на други земји.

Во оваа пригода  Ѓорѓоска-Илиевска информираше и за резултатите во филмскиот сектор: од 2008 до 2015 година Агенцијата за филм на РМ поддржала 225 филмски проекти, а очекува 2016-та да заврши со 24 реализирани. Од нив пет се долгометражни играни со мнозински македонски удел, четири со малцински македонски удел (т.е. меѓународни копродукции), четири документарни и 11 кратки играни филмови. 

- Ова е значајно  имајќи предвид дека токму потпрограмата „Медиа“ е во функција на поддршка на сите овие проекти кои се реализират преку Агенцијата за филм, рече Ѓорѓоска-Илиевска. Додаде дека канцеларијата за „Медиа“ која веќе половина година работи во составот на Агенцијата под раководство на Владимир Стојчевски има цел да ги информира филмските работници и претставниците на аудиовизуелниот за сите конкурси, повици и за можностите што ги нуди оваа потпрограма во однос на аплицирањето, а воедно да им дава и техничка поддршка на операторите при подготовката на нивните апликации.