Македонија
26. April 2016 - 13:37

Инфо ден на македонскиот МЕДИА Деск

Во рамки на Скопскиот филмски фестивал денеска во кино „Фросина“ се одржа првиот Инфо ден на македонскиот МЕДИА Деск. 

- Улогата на МЕДИА Дескот е да пружа техничка поддршка, да ги информира потенцијалните апликанти, да им биде на располагање за да подготват квалитетни апликацаии и да пружи одговори на сите прашања, изјави Владимир Стојчевски, раководител на македонскиот МЕДИА Деск.

Тој информира дека од јули минатата година Македонија стана членка на МЕДИА, а пред тоа нашата држава имаше пристап само до фондовите за култура.

- Програмата „Креативна Европа“ за периодот 2014-2020 година има две потпрограми, „Култура“ и „МЕДИА“. Македонија првпат лани пристапи и кон програмите „МЕДИА“, што значи дека тие се достапни пред се за луѓето кои се занимаваат со филм и луѓето во аудиовизуелниот сектор. Не само оние кои се занимаваат со продукција, туку и оние кои се занимваат со дистрибуција, организирање на обуки, тренинзи..., рече Стојчевски и додаде оти добар дел од нашите филмски работници веќе се информирани. 

На минатите повици, како што рече, имаше две апликации, за развој на проект и за фестивали. За развој е одобрен еден проект, „Шеќерното дете“ на Игор Иванов, а фестивалите „Браќа Манаки“ и „МакеДокс“ добија поддршка од МЕДИА. 

- За сите три проекти, вкупната финансиска поддршка изнесува 123.000 евра, рече Стојчевски и додаде дека очекува и други проекти да бидат поддржани.

Според него, потребни се добри идеи, проекти и добро да се прочитаат техничките услови кои повиците ги имаат за да се види дали апликантот ги задоволува условите. Стојчевски најави дека годинава ќе има повеќе промотивни активности кои се планирани во рамки на фестивалите.