Македонија
13. September 2016 - 12:15

Инфо ден: Креативна Европа, Хоризонт 2020, Европа за граѓаните и Еразмус+

Министерството за култура во соработка со Министерството за образование и наука, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и Секретаријатот за европски прашања денеска организираат инфо ден за програмите на Унијата: Креативна Европа, Европа за граѓаните, Хоризонт 2020 и Еразмус +.

Дарко Димитров, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност информира дека македонските граѓани и институции имаат право да аплицираат за овие програми и можат да учествуваат заедно со своите европски партнери. Додаде дека Европската комисија кон крајот на годината го објавува повикот за програмата „Еразмус +“.

- Програмата „Еразмус +“ веќе успешно се реализира во Македонија во текот на целата 2016 година. Поголемиот дел од средствата се доделение и веќе имаме студенти од Универзитетот „Св. Апостол Павле“ од Охрид, „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и „Св. Климент Охридски“ од Битола, кои заминуваат на мобилност во странство, на европските универзитети, рече Димитров. 

Грантовите, како што истакна, веќе се доделени до универзитетите, кои имаат решенија и вршат селекција согласно своите повици.

- Повеќе од 20-тина студенти се заминати на првиот семестар на универзитетите во странство. Веќе студенти од областа на информатичките технологии од Универзитетот „Св. Апостол Павле“ се во Естонија. Во однос на Ерзамус за високо образование, вклучува и професори, стажирање за студенти, кои се во процес на селекција, а ги одбираат самите универзитети преку јавен повик, појасни Димитров. 

Тој нагласи дека во „Еразмус +“ аплицираат и компании и додаде оти годинава Стопанската комора за туризам добила грант.

- Средставта не се лимитирани одделно за компании. Тие можат да се најдат во повеќе акции од програмата  „Еразмус +“, како во акцијата за образование на возрасни и во акцијата за стручно образование, рече Димитров.

Билјана Прентоска, одговорна за спроведување на програмата „Културна Европа, потпрограма Култура“ при Секторот за европски интеграции во Министерството за култура информира дека денеска акцентот е на потпрограмата „Култура“.

 

- Потенцијалните апликанти и оние кои се заинтересирани да апалицираат во рамки на овој повик во 2016, за „Креативна Европа“ за категориите Проекти за соработка, мрежи и платформи е дека крајните рокови се одложени. Место 5 октомври, најверојатно ЕК, се уште ги нема објавено точните крајни рокови, очекуваме да биде средина на ноември, рече Прентоска. 

Таа истакна дека можат да аплицираат организации, културни, невладини, владини, како и приватна организација од областа на културата, која постои веќе две години, правно е регистрирана и извшршува активности од областа на културата. 

Во Центарот за конференции и студии при НУБ „Св.Климент Охридски“ присуствуваа професионалци од културниот и креативниот сектор, приватните организации, образовните и научните установи, невладините организации, претставниците на општините, локалните институции од областа на културата и други потенцијални квалификувани корисници.