Македонија
2. October 2020 - 16:41

Инфективното одделение во Струмица е полно, се подготвуваат дополнителни капацитети

Продолжува трендот на двоцифрени бројки на новозаразени од корона вирус во Струмица. Во последните 24 часа потврдени се 11 нови лица позитивни на Ковид-19. Со нив бројката на активни случаи во струмичкиот регион се искачи на 167. Зголемениот број на ново инфицирани беше причина струмичката болница да започне со адаптација на дополнителни капацитети за нивна хоспитализација. За таа намена, веќе интензивно тече подготовката на просториите во кои до сега беа сместени хируршките амбуланти.

„Заради зголемениот број на пациенти позитивни со Ковид 19 ние бевме принудени да адаптираме простори каде што треба да бидат сместени пациентите болни од Ковид. Тоа  се хируршките амбуланти кои што беа во приземјето на општа болница ги преселивме во новиот крак, во приземје каде што треба да бидат засекогаш. Просториите каде што сега ќе бидат пациентите со Ковид се со капацитет од 12 кревети,“ вели д-р Наќе Гогов директор на општа болница Струмица.

Во моментов позитивните на Ковид-19 се хоспитализираат само инфективното одделение чиј капацитет веќе подолго време е целосно исполнет.

„Капацитетот на инфективно одделение е исполнет затоа сме принудени пациентите со потешка клиничка слика ги праќаме во „8 ми Септември“ во Скопје, на клиниката во Скопје и во Штип во центарот за Ковид-19,“ вели доктор Гогов.

Според најавите од директорот на болницата, адаптацијата на новите простории треба комплетно да биде завршена до понеделник.