Свет
15. February 2016 - 9:49

Индонезиската морнарица зароби седум малезиски бродови фатени во илегален риболов

Поморските власти на Индонезија во последниве два дена откриле и заробиле седум рибарски бродови кои ловеле илегално во теснецот Малуку, во територијални води што и припаѓаат на Индонезија. Бродовите пловеле под малезиско знаме, со екипаж составен од Малезијци и Индонезијци. Според најновите идонезиски закони тие ќе бидат запалени, или потопени, а членовите на екипажот ги очекува казна до пет години затвор.

Индонезија ја заостри својата казнена политика против илегалниот риболов од јули минатата година, кога беше соопштено дека поради лов на риби без дозвола таа држава има загуби од над 25 милијарди долари годишно.

Досега се потопени и запалени 38 странски рибарски бродови, а на конечна одлука на судот чекаат и посадите и газдите на два брода – фабрики од Кина. Бродовите на кои уловената риба се смрзнувала и конзервирала биле приведени со спектакуларна акција на морнарицата и военото воздухопловство на Индонезија.