Спорт плус
28. December 2015 - 14:18

Индивидуалните спортови ставија белег на 2015г

Кик боксерите Ненад Манојловски и Димитар Ѓеоргиев, пливачите Евгениј Поп Ацев и Андреј Стојановски, автомобилистот Игор Стефановски-Иџе, репрезентативецот во традиционално карате Дејан Недев, алпинистот Здравко Дејановиќ и каратистите Симон Антиќ, Симона Заборска, односно Емил Павлов и Мартин Несторовски се спортистите кои оставија белег во годината која изминува.
 
Евгениј Поп Ацев, официјално, беше прогласен за спортист на годината во Македонија за 2015 година. Поп Ацев ја освои титулата во вкупниот пласман, во Гран при серијата на ФИНА, а круна на сезоната беше неговата победа на Охридскиот маратон, со што стана првиот Македонец со победа на престижната маратонска трка.
 
Андреј Стојановски, освои сребрен медал на Светско првенство во пливање за лица со оштетен слух. Стојаноски во дисциплината 1.500 метри слободен стил, оствари време 16:57.13 минути кое му беше доволно да го освои сребрениот медал.
 
Кик боксерот, Димитар Ѓеоргиев, ја продолжи планетарната доминација во кик-лајт, во категоријата до 74 килограми, откако на Светското првенство во Белград, ја освои третата едно по друго титула.
 
На истото СП, светски првак стана и Ненад Манојловски, во категоријата до 69 килограми (кик-лајт).
 
Успехот на кик боксерите го надополни Стефани Тодорова, која освои бронзен медал во дисциплината кик-лајт (до 60 кг).
 
Дејан Недев стана светски првак во карате на Обединетиот карате шампионат во традиционално, модерно и контактно карате, кое се одржа во Копер, Словенија. Недев титулата ја освои во дициплината фуку-го.
 
Карате спортот на Македонија и донесе и две бронзи и тоа на првите Европски игри, кои во јуни се одржаа во Баку, Азербејџан. Бронзените медали ги освоија Емил Павлов и Мартин Несторовски.
 
Автомобилистот Игор Стефановски-Иџе, кој во 2014 година го понесе признанието спортист на годината, ја одбрани европската титула на ридски патеки. Иџе, доминираше над конкуренцијата, победувајќи на десет од 12-те трки во сезоната.
 
Алпинистот Здравко Дејановиќ на 24 март во 14.45 часот (по локално време) се искачи на Анапурна 1 (со висина од 8.091 метар). Дејановиќ со овој неверојатен потфат стана единствен Македонец кој до сега има искачено три врва над 8.000 метри, лани тој се искачи на К2 (8.611 метри), а претходно во 2010 се искачил и највисокиот светски врв Монт Еверест (8.848 метри).
 
Македонската футсал репрезентација остана без историски успех, односно пласман во баражот за Светското првенство, откако заврши на третото место на квалификацискиот турнир во Италија.
 
Годината која изминува со златни букви ќе биде впишана во историјата на македонската одбојка, откако сениорската машка репрезентација стигна до сребрениот медал во Европската лига. Македонските одбојкари во финалето без поразени од Словенија со максимален резултат.
 
Баражот на макеоднските футсал репрезентативци им буквално им го одзедоа италијанските колеги, кои без мотив го одиграа мечот со Словачка. Македонија во последното коло славеше над Молдавија (5:2), а апсолутниот фаворит Италија си дозволи пораз од Словачка (1:2).Во Групата 7, Италија, Словачка и Македонија освоија по шест бода, Молдавија заврши како последна без освоен бод. На крајот пресуди гол разликата помеѓу селекциите кои освоија по шест бода. 
 
Ракометната репрезентација на Македонија настапот на Светското првенство во Катар го заврши на деветтото место. Откако во Групата Б забележа четири победи (Тунис, Австрија, Босна и Херцеговина, Иран) и еден пораз (Хрватска), македонските репрезентативци во осминафиналето беа поразени од Словенија.
 
Ракометарките на Вардар Лигата на шампионките ја завршија на третото место, откако во полуфиналето на завршниот турнир најпрвин загубија од Будуќност, чии ракометарки подоцна ја освоија титулата, а потоа во ’малото’ финале славеа над Динамо Волгоград. Андреа Пенезиќ со 102 гола, заедно со Кристина Неагу, ја понесе титулата за најдобар стрелец.
 
Ракометарите на Вардар сезоната ја завршија во четвртфиналето, во кое беа елиминирани од Кјелце. Претходно Вардар го освои второто место во фазата по групи, а во осминафиналето беше подобар од Висла.
 
Вардар во СЕХА лигата, на завршниот турнир стигна до четвртото место, во полуфиналето ’црвено црните’ беа поразени од Мешков Брест, а третото место го загубија од Загреб.
 
Инаку двете екипи на Вардар (машката и женската) според очекувањата ги освоија титулите во домашното првенство.
 
Кошаркарската репрезентација на Македонија, беше учесник на Европското првенство и во конечниот пласман го освои 19-то место. Подмладениот тим, кој на неколку дена до почетокот на подготовките доби нов селектор, групната фаза ја играше во Загреб каде запиша една победа (Холандија) и четири порази (Грција, Хрватска, Грузија, Словенија).
 
На домашна сцена, скопските ривали, МЗТ и Работнички, го поделија титулите, аеродромци го освоија првенството, а тимот од Градски парк Купот на Македонија.
 
И за крај за најважната споредна работа на светот, фудбалот, кој и оваа година донесе многу разочарувања. Исклучок е Работнички, кој во Лига Европа стигна до четвртото коло, каде не успеа да го мине руски Рубин.
 
Убава вест стигна и од УЕФА, која на на Фудбалската федерација на Македонија и ја довери организацијата на натпреварот во Суперкупот на Европа во сезоната 2016/2017.
 
Репрезентацијата одново разочара со освојувањето на последното место во квалификациската група за пласман на ЕП. Резултатите не се подобрија ни по смената на Бошко Ѓуровски од селекторската функција и доаѓањето на Љубинко Друловиќ.
 
Лошите резултати продонесоа фудбалската репрезентација годината да ја заврши на 136-та позиција на ранг листата на ФИФА, што е најслаб пласман на националниот тим.