Живот
29. July 2016 - 10:43

Индијанскиот поглавар ѕвезда на „Танц со волците“, почина на 97-годишна возраст

Индијанскиот поглавар Дејвид Балд Игл (Ќелавиот Орел), познат по улогата во филмот „Танц со волците“, кој беше награден со Оскар во 1990 година, почина на 97-годишна возраст.

Ќелавиот Орел, кој е внук на поглаварот Белиот Бик, кој се борел во познатата битка кај Литл Бигхорн во 1876 година, настапуваше во повеќе од 40 филмови и стана заштитно лице нa индијанското племе Дакота.

Како што јави Би-Би-Си, Ќелавиот Орел починал во неговиот дом во индијанскиот резерват „Чајен Ривер“.

Ќелавиот Орел е роден во 1919 годна во „Чајен Ривер“, а во текот на Втората светска војна се борел во редовите на американските сили во Европа и учествувал во десантите во Италија и  Нормандија, каде и бил ранет, за што бил одликуван со Сребрена ѕвезда.

По Војната Ќелавиот Орел се посветил на кариерата на тапанар, како дел од групата „Клиф Киз Биг Бенд“.

Еден период од животот се натпреварувал и во танцување, но тој дел од кариерата заврши со трагична смрт на неговата танцова партнерка и сопруга Пени Ретбурн, која загинала во автомобилска несреќа. По ова тој ја започнал својата кариера во Холивуд.

Прво работел како инструктор за обука на филмските ѕезди, меќу кои и Џон Вејн, кого го учел да јава и да пука со пиштол, а бил и дублер на Ерол Флин.

Потоа продолжил да работи како актер, а со децении беше и заштитно лице на туристичките промоции на сојузната држава Јужна Дакота.

Последната улога ја имаше во филмот „Neither Wolf Nor Dog“, чија премиера беше минатиот месец на фестивалот во Единбург. 

Надвор од светот на шоубизнисот, Ќелавиот Орел во 2001 година беше избран за поглавар на Здружените домородни нации, како заслуга за неговата посветеност на борбата за правата на Индијанците.

Одавајќи му почест на починатиот поглавар и актер, режисерот Стивен Левис Симпсон го нарече „нависитна едиствен“.

- Неговиот живот беше необичен, полн со радости и трагедии, рече Симпсон.

Ќелавиот Орел ќе биде погребан денеска на националните гробишта во Старгис.