Свет
5. May 2019 - 15:48

Индија: Циклонот Фани остави стотици илјадници лица без домови

Стотици илјадници лица останаа без домови откако циклонот Фани го погоди источниот дел на Индија, соопштија денеска локалните власти. Циклонот, кој носи поројни дождови и ветар со брзина и до 200 километри на час, корнеше лимени покриви и уништи електрични и телекомункациски водови.

Најмалку 33 лица загинаа кога циклонот во петокот ја опустоши државата Одиша, а над милион беа евакуирани во засолништата. Во делови на Одиша предизвикана е голема материјална штета на инфраструктурата, електро и комуникациската мрежа, но исто така, уништени се голем број станбени и деловни објекти.

Во пристанишниот град Пури загинаа 21 лице, а 300 се повредени. Уште 12 жртви се пријавени во останатите делови на земјата. Локалните власти потенцираат дека бројот на загинати би бил многу поголем доколку пред доаѓањето на циклонот не била спроведена масовна евакуација.

Индиската служба за рано предупредување соопшти дека циклонот се поместил кон Бангладеш, но ослабнал и се очекува во следните 24 часа да биде безначаен.