Македонија
3. February 2021 - 16:46

Индекс на Економист - Хибриден режим во Македонија

Македонија се најде на 78-то место на листата за глобален индекс за демократија кој ја објави магазинот Економист. Во извештајот за 2020-та земјава се наоѓа во групата на т.н. хибридни режими, со скор од 5,89 индексни поени.

Со индексот на демократија кој го подготвува угледниот британски весник се опфатени над 160 држави, а оценувани се по 60 показатели во пет категории – изборен процес, функционирање на владата, политичко учество, демократска политичка култура и граѓански слободи.

Од државите во регионот, полошо од нас се рангирани само Црна Гора на 81-то место и Босна и Херцеговина на 101-то.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ овој извештај го потврдува тоа што опозицијата го зборува веќе три години – дека Македонија предовдена од СДСМ е корумпирана земја во која владее хибриден режим.

Со овие три параметри, нема жив инвеститор во светот кој што ќе дојде и ќе инвестира во Македонија, која што е убедливо последна во регионот по однос на чест и честитост, а прва по нивото на корупција, држава која што е хибриден режим и држава каде што Херетиџ вели дека имаме јавно трошење на јавните пари во насока на поткуп на граѓаните, односно социјални трансфери. Не постои инвеститор во светот, верувајте ми, кој што ќе дојде, освен оние блиските до власта, кои што имаат единствен интерес да инвестираат во нови плантажи за марихуана и тоа единствениот инвеститор кој вие можете да го сретнете, кој што денеска со торба полна кеш шета низ Македонија. Нормално се знае каде таа торба полна кеш треба да заврши, за да се добие лиценца за ваков тип на производство, вели претседателот Мицкоски.

Власта пак повтроно прстот го впери кон опозицијата.

Според СДСМ извештајот на Економист нотира пофалби за успешно спроведени избори во време на пандемија, а негативните моменти се последица на рестрикциите заради пандемијата и неоговорното однесување на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ.

 Работата на државните институции во време на пандемија, но и однесувањето на опозицијата и нивните кадри во преодната влада, однесувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се исто така дел од Индексот на демократија на „Економист“.По подолг период, во 2018  и 2019 година, рангирањето на Северна Македонија на Индексот на демократија на „Економист“ беше подобрено, откако минавме 10 години во стагнација и пад, кога бевме квалификувани како „хибриден режим“. За потсетување, најдобиот резултат на нашата држава беше забележан во 2006 година, пред да се инсталира режимот кога резултатот беше 6.33 индексни поени, се вели во реакцијата на СДСМ.

Македонија и во последниот извештај на Транспаренси Интернешнл се најде на 111-то место според индексот на перцепција за корупцијата, што е најлошо рангирање откако се мери овој индекс во земјава.