Македонија
5. September 2018 - 16:20

Инцидент во Општина Зелениково - Наставничка обвинува дека била физички нападната

Физички повредена и понижена. Вака наставничката од основното училиште “Марко Цепенков” во Зелениково го опишува нејзиниот обид за средба со градоначалникот на општината. Наставничката сакала со него да ги разреши проблемите со кои се соочува во нејзиното, сега веќе, поранешно училиште, бидејќи под казна е преместена во основното училиште во село Орешани.

Проблемите на Стевана Кузмановска почнуваат во јуни, кога по конфликт со директорката за која тврди дека е нелегално поставена, почнала да трпи притисоци во текот на целото лето. Тие кулминирале со решение за нејзино преместување, кое таа го добила на денот на почетокот на учебната година. Токму ова било причина самохраната мајка да побара средба со градоначалникот:

Физички напад немаше – тврди Борче Гиевски. Засегнатиот градоначалник вели дека Кузмановска е преместена по налог на Инспекторатот, по претходна пријава за нејзино проблематично однесување. Гиевски вели дека ќе ги преземе сите законски мерки за покренување кривична пријава против наставничката.

За инцидентот постои полициски записник, како и медицинска документација за настаната повреда. Кузмановска моментално е на боледување. Вели дека не се противи на преместувањето, ниту пак болката од физичката повреда е толку голема, колку што ја боли начинот на кој тоа е направено.