Балкан
1. July 2018 - 21:20

Инцидент на протестот против Договорот од Преспа пред грчкиот Парламент

На протестот против Договорот за името од Преспа што се одржа вечерва пред грчкиот Парламент во Атина дојде до инцидент кога поголема група маскирани лица се судри со полицијата, јави дописничката на МИА од Атина. 

Маскираните лица ги нападнаа специјалците со пиротехнички материјали и разни предмети, а полицијата одговори со солзавец. Според првичните информации, приведени се три лица, а едно е повредено. 

Атина протест 2

За време на инцидентите маскираните лица вербално ги нападнаа новинарите и побараа тие да се одалечат од местото каде што тие ја напаѓаа полицијата. Не дозволуваа да се снима или фотографира. 

Мала група демонстранти, која не го предизвика инцидентот, вечерва остана пред грчкиот Парламент. 

Атина протест

Групата брои околу педесетина лица кои седнати на земја извикуваат пароли, а ја пееја и грчката химна. 

Атина завршни протест

Претходно, лицата што протестираа извикуваа слогани дека Македонија е грчка, пароли против владата и против Договорот за името од Преспа, со пораки до политичарите дека се предавници.

Атина протест име

„Скопјане, Скопјане никогаш нема да го земеш името", „Предавници" „Македонија е грчка“, беа дел од извиците на протестот, јави дописничката на МИА од Атина.

Меѓу насобраните имаше и припадници на Златна зора кои делеа и фрлаа флаери со порака дека Македонија е грчка, политичарите се предавници, а единствена надеж за земјата е Златна зора.

Флаери Златна зора име

Протестот не беше масовен. Беа затворени неколку улици околу грчкиот Парламент, а има и силно полициско обезбедување.

Меѓу демонстрантите имаше луѓе од сите возрасти, но и свештени лица.

Протест беше најавен и во Солун.