Балкан
19. May 2017 - 20:24

Инцидент меѓу хрватската и словенечката полиција во Пиранскиот Залив

Во очекување на одлуката на Меѓународниот арбитражен суд за границата меѓу Словенија и Хрватска во Пиранскиот Залив, минатата недела дошло до инцидент, и, како што пренесуваат медиумите во двете земји, „покажување мускули“ меѓу припадниците на полициите на двете земји.

Љубљански „Дневник“, пренесе приказна од словенечкиот рибар Елвин Сабадин, кој на 11 мај ловел риби во водите на Пиранскиот Залив и тоа крај самата граница со Хрватска. Тој раскажал дека во еден момент му пришол хрватски полициски брод со предупредување дека навлегол во територијалните води на Хрватска.

Тој и екипажот биле повикани да излезат од хрватските води назад кон Пиран, што и го направиле бидејќи практично биле присилени на тоа.

-Хрватскиот брод, што беше многу голем, се постави крај нашиот чамец на начин што немавме избор туку да се вратиме, изјави рибарот за „Дневник“.

Потоа во ова подрачје пристигнале словенечките полицајци кои ги предупредиле хрватските колеги дека во словенечките територијални води.

„Дневник“ пишува дека тогаш Хрватите извеле „агресивен маневар“ кон словенечкиот брод во обид да го истуркаат, но инцидентот бил спречен во  последен момент и никој не бил повреден.

Ваквите „инциденти“, наведува весникот, во  последно време се се почести, што словенечката страна го поврзува со очекувањето на пресудата на арбитражниот суд за границата, за која Хрватска изјави дека нема да ја почитува.

Словенците најавија дека ќе упутат протестна нота до Загреб.

По повод инцидентот се огласи и хрватскиот министер за надворешни и европски работи, Давор Иво Штир, кој тврди дека неодамнешната интервенција на хрватската погранична полиција во „Савудриска вала“ како што Хрватите го нарекуваат Пиранскиот Залив, била во склад со законот, а најавената протестна нота од Љубљана, како што кажа, се уште не ја примил.