Живот
24. August 2016 - 16:18

Инат балкански: Богат Босанец го блокираше производството на “голф”

Германскиот гигант Фолксваген морал да го сопре производството на својот најпродаван модел „голф“, а според германските медиуми, компанијата планира до неиспорачаните делови да дојде со заплена.

Застојот се случил бидејќи компанијата Превент од Волфсбург не им испорачува делови кои им се неопходни за возилото. Ваквата одлука на доставувачот влијаела на стопирање на производството на најпопуларниот модел, но погодила и околу 25.000 работници на кои ќе им бидат намалени работните часови.

Имено, доставувачите на кожени и платнени навлаки за седишта, како и лежишта за менувачи Кар трим и ЕС Гас ги сопреле испораките на делови за Фолксваген.

Неделникот Шпигл на својата интернет страница пишува дека станува збор за два доставувачи од групата Превент, чиј сопственик е познатиот претприемач од БиХ, Нијаз Хастор.

Судот на Кар трим и ЕС Гас им наложил да продолжат да го снабдуваат Фолксваген со навлаки за седишта и лежишта за менувачи, што ЕС Гас би требало да го прави до февруари 2018 година.

Германскиот доставувач се жали на одлуката, а судот треба да донесе одлука за жалбата до крајот на август. Во меѓувреме, во тек се интензивни преговори меѓу Фолксваген и доставувачите за можно решение.

Во Фолксваген размислуваат и за дополнителни правни мерки, вклучувајќи ја и можноста до потребните делови да дојдат со заплена. Двете компании ќерки на Превент групата – Кар трим и ЕС Гас соопштија дека не се виновни за конфликтот со Фолксваген, како и дека се заинтересирани за договор.