Македонија
22. July 2016 - 12:59

Имотен лист за стан со пренесено право на заедничка сопственост на земјиштето

Инвеститорите на станбени згради со закон ќе бидат ограничени да прават физичка делба на земјиштето под зградата и земјиштето за паркинг места, а Катастарот веќе нема да издава имотен лист за стан доколку на купувачот не му е пренесено правото на заедничка сопственост  на посебниот дел од објектот или делот од објектот. 

Во владина процедура се измени на Законот за градежно земјиште, со кои физички и правни лица сопственици на станови или деловни простории во етажна сопственост, востановуваат права и обврски на заедничка сопственот на градежното земјиште, информира денеска на прес-конференција директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпевски.

Целта е да се спречат појавите на кои се жалеле сопственици на станови дека инвеститорите прават физички делби при што земјиштето под зградата го двојат во една катастарска парцела, а паркинг местата во друга. По ова двоење, наведе Трпевски, на сопствениците на станови им забранувале да ги паркираат возилата на постојните паркинзи, односно барале од нив да плаќаат закупнина или да си ги купат местата кои инвеститорот морал да ги изгради за воопшто да добие одобрение за градба. 

 - Многу е непријатно  кога сте купиле стан и до вчера сте паркирале на паркиногот, а од другиот ден сопственикот на земјиштето на тој паркинг ви кажува дека треба да платите закупнина или да го купите, иако знаеме дека согласно законот морал да се продаде и дел од земјиштето. Целата работа едноставно се злоупотребува. Затоа се утврдија нови правила на игра и во новиот закон е дефинирано дека при продажба на стан задолжително, што и досега беше кажано, но сега многу  на појасен начин, мора да се продаде и дел од парцелата и оти вакви  физички делби на колективни станбени згради се забранети, рече Трпевски.

Законот, појасни, е облигаторен за сите и ако не се почитува Катастарот  нема да го впише станот. Во договорот за купопродажба мора да стојат одредби дека на купувачот му се пренесува и дел од земјиштето во заедничка сопственост.

Заедничката сопственост на градежното земјиште на повеќе лица вклучува право на заедничко наменско користење на земјиштето кое не може да се дели во рамки на градежна парцела, а се пренесува со правото на сопственост на станот, односно објектот.

Катастарот веќе доставил ново упатство за физичка делба на катастарска парцела која претставува градежно земјиште до коморите на геодетите и нотарите со цел поедноставување и појаснување на начинот на вршење на физичката делба на земјиштето.

Според претседателот на Геодетската комора Горан Јовановски, со новото упатство се зголемуваат сервисните домени на  приватните геодетски фирми, а на граѓаните им се овозможува поголем степен на управување со недвижностите кои ги поседуваат.

- Согласно ова упатство физичката делба на катастарската парцела која претставува градежно земјиште може да се врши  во секое време по барање на сопственикот освен во случаи кога физичките и правните лица се сопственици на посебните делови од објект  или објект во етажна сопственост, рече Јовановски.