Свет
25. March 2016 - 14:04

Имам од Глазгов застана во одбрана на ликвидиран пакистански исламист

Имамот на главната џамија во Глазгов, Мулана Хабиб ур Рахман застабна во одбрана на пакистанскиот исламистички екстремист, Мумтаз Кадри, кој на 29 февруари беше обесен во затворот во Исламабад, јавија британските медиуми.

Пред крајот на 2011 година, Кадри беше осуден на смрт за убиството на гувернерот на пакистанската провинција Пенџаб, Салман Тасер.

Гувернерот беше убиен на почетокот од 2011 година на пазарот во Исламабад со 28 истрели од огнено оружје, затоа што се спротивставуваше на законот за богохулство и се залагаше за реформи во пакистанското општество.

Имамот Ур Рахман, меѓутоа, во изјава за медиумите ги отфрла обвинувањата дека го бранел убиецот, тврдејќи дека неговите збориви „се извлечени од контекст“.

Тој вели дека само го изразувал своето противење на смртната казна, но не демантира дека во посланието до муслиманските верници вели дека жали за смрта на Кадри, кого го нарекува „посветен муслиман“.

Мумтаз Кадри беше поранешен полицаец-специјалец, кој подоцна беше назначен за еден од телохранителите на гувернерот Тасер.

Во текот на судскиот процес тој се бранеше дека тоа што го сторил било негова „религиозна должност“.

Никогаш не изрази каење или жалење за суровото убиство на човекот што требаше да го заштитува, туку во една прилика изјави дека е „горд на она што го направил, затоа што убил еден богохулник“.

Имамот од Глазгов е водечки исламски верски лидер во Шкотска, што значи дека неговите молитви и посланија претставуваат религиозни упатства за тоа како да се однесуваат верниците и како да се подочуваат.