Македонија
29. July 2019 - 16:21

Имаат ли институциите капацитет да се справат со непогоди- експерите алармираат на партизација и лоша координација

Македонија нема капацитет да се справи со природните непогоди. Слабостите главно се утврдени во преклопувањето на надлежностите на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, непостоењето на координација меѓу војската и полицијата, ненавремената реакција од локалните власти, а проблем претставуваат и непрофесионалните, партиски кадри.

Според експертите, ефикасен и навремен одговор на катастрофите може да донесе само целосното редефинирање на безбедносниот систем.

На трибината на која се дискутираше за Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи, беше посочено дека едно од практичните решенија би било спојување на ЦУК и ДЗС во една институција.

Претстојниот попис, пак, може да послужи како база врз која ќе се гради системот за превенција и заштита.

Според Павле Трајанов, координаторот задолжен за имплементација на Националната платформа, државата гради систем каде што клучни се превенцијата и раното предупредување. Во таа насока се спроведува и проектот за единствениот телефонски број 112, каде што граѓаните ќе можат да пријавуваат пожар, невреме, да побараат здравствена помош или помош од полицијата.

Информираше дека е формирана и работна група во Владата, која е задолжена за креирање на новите законски решенија.