Македонија
4. August 2020 - 16:42

Има ли услови за старт на учебната година?

Редовна настава од септември во училиштата во кои и досега во класовите имало преполовен број на деца, а во школите со многу ученици сменско работење со скратени часови или комбинирана настава. Членовите на Комисијата за заразни болести деновиве ги подготвуваат протоколите со претставници од МОН и се категорични дека децата треба да се вратат во училишните клупи, но условите за текот на наставата нема да бидат исти во сите училишта. Задолжително ќе биде носењето маска, физичкото растојание односно секое дете само да седи во клупа и честа дезинфекција.

 -На пример во Источна Македонија каде нема доволно деца во класовите ќе си има редовна настава, а во општините каде има повеќе од 30 деца во класот во опција се неколку модели. Да се преполови бројот на деца во одделението со одење на настава во смени со скратени часови од 45 на 30 минути, или пак половина од децата да одат на училиште со физичко присуство, а останатите да учат онлајн па потоа обратно, изјави за Сител епидемиологот прим. д-р Александар Стојанов, директор на ЦЈЗ Скопје и член на Комисијата за заразни болести.

Предлозите на Комисијата за заразни болести ќе бидат доставени до Главниот кризен штаб кој може и да ги модифицира пред да се најдат на Владина седница, а како ќе изгледа новата учебна година поради коронавирусот дефинитивниот став треба да го каже министерството за образование до 10 август. Од друга страна дел од просветните работници сметаат дека државата не е подготвена за физичко присуство на децата во училиштата од 1 септември.

-Доколку ги имавме информациите и препораките 1 месец пред школската година и да знаеме што да правиме  можеби ќе се подготвевме и ние и родителите ќе ги подготвеа децата. Во овој момент на 3 недели пред учебната година не сме сигурни дека ќе успееме доволно да се подготвиме и не би сакала децата да го доживеат училиштето како страв, изјави за Сител Наде Молерович, директор на ОУ “Гоце Делчев“ во општина Центар.

Во меѓувреме и УНИЦЕФ излезе со рамка за повторно отворање на училиштата. Ставот на организацијата е дека училиштата значат многу повеќе отколку само учење на децата како да читаат, пишуваат и бројат. Тие на училиште стекнуваат многу навики корисни во животот, учат како да се поддржуваат меѓу себе и како да се снаоѓаат во многу ситуации во животот.