Има ли решение за деценискиот проблем со гинеколог во општина Шуто Оризари?! | Сител Телевизија
Македонија
17. јуни 2017 - 17:18

Има ли решение за деценискиот проблем со гинеколог во општина Шуто Оризари?!

Трудници за прв пат гледаат гинеколог на породувањето, тинејџерки добиваат сексуално преносливи болести а зголемен е и бројот на жени кај кои е дијагностициран рак на грло на матка. Според невладините организации, ова е реалната слика за Ромките во Шуто Оризари поради деценискиот проблем со немањето на гинеколог. Велат некои што ќе најдат пари одат во соседните општини, но голем број и незнаат како изгледа гинеколошка ординација.

- Нема гинеколог а потребен е како не, и за нас возрасните ама на помладите многу повеќе им треба...Гледате, има повеќе бебиња, абортуси и мора да се реши, вели жителка на Шуто Оризари.

Изминатите 10 години имаше неколку огласи за гинеколог како и дополнителна финансиска стимулација. Но и понатаму гинеколошката амбуланта во Шуто Оризари е празна. За алармантната состојба и неможноста 8000 жени во репродуктивен период да имаат гинеколог, невладините оваа недела ги информирале и министрите за труд и социјална политика и за здравство.

- Им укажавме на состојбата како и на потребата што поскоро да се изнајде решение за овој децениски проблем. Им кажавме дека смртноста кај новороденчиња од мајки ромки е зголемен а некои верлат не доаѓа гинеколог поради стереотипи. Не верувам во тоа и се надевам ќе се најде решение, вели Љатифе Шиковска од НВО Амбрела.

Поради немањето на гинеколог, Ромките од Шуто Оризари не само што не можат да добијат совети и услуги за женското здравје, не исполнуваат и услови за надоместок за трето дете.

- Еден од условите е и редовна контрола на гинеколог, што значи веќе е дискриминирачки за Шуто Оризари каде со години нема гинеколог, вели Васка Бајрамовска, заменик правобранител.

Според надлежните министерства, наредната недела ќе се знае дали ќе има излез за оваа долгогодишна голгота на жените во Шуто Оризари.

- Договорена е работна средба која ќе се одржи во текот на следната недела и на која ќе присуствуваат претставници од Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика и Фондот за здравствено осигурување на Македонија. 

Ќе бидат разгледани можностите за обезбедување дополнителни финансиски стимулации за заинтересираните кандидати за матични гинеколози во Шуто Оризари, стои во писмениот одговор од МЗ.