Бизнис
8. September 2020 - 21:24

Има ли решение за блокираните сметки на вкупно две третини од фирмите во земјава?

Повеќе од една третина од фирмите во земјава се со блокирани сметки. Според последниот извештај на Народната банка во месец јуни блокирани биле сметките на 25.603 правни лица, односно речиси 34% од вкупниот број активни фирми во земјава.
Експертите и бизнис заедницата велат дека Ковид кризата само дополнително ја влошила состојбата, но проблемот со ликвидноста на фирмите е нешто што се провлекува со години наназад.

„Тоа е една компилација од проблеми или начин на функционирање. Во последно време кризата го донесе своето, многу компании се затворија и имаат намера да затвараат. Меѓутоа, исто така, има еден друг проблем. Гледате дека таа бројка постојано се провлекува низ години на блокирани фирми и сметки, а тоа значи дека тоа е начин и стил на функционирање”, вели Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија.

„Ликвидноста на фирмите не е акутен, туку хроничен проблем на македонската економија. Појавата на пандемијата и Ковид-19 кризата само дополнително го зголеми притисокот на компаниите. Она што на Македонија и треба дефинитивно е промена на економскиот модел и дефинитивно пробивање на странски пазари”, вели Зоран Ивановски, универзитетски професор.

Ставот на експертите и стопанствениците е дека за подобар бизнис амбиент, а со тоа и поголема ликвидност на фирмите, потребни се системски реформи, законски измени, но и државна помош за освојување на странски пазари.

„Тоа е системска работа, мора да разговараме и за законот за трговски друштва, потоа нерегистрираната или сивата економија, како ќе го решаваме тој проблем и исто така, околу одговорноста на управителите и сопствениците на компаниите, односно одговорноста на друштвата со ограничена одговорност како би можеле да бидат сигурни за останатите економски оператори на пазарот”, вели Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата.

„Jасно е дека Македонија е мала и отворена економија и само во таков глобален амбиент компаниите ќе може да дојдат до израз. За таа цел можеби треба да размисли и Владата за дополнителни пакети мерки не само за поддршка, туку и за своја активност, сè со цел за отварање на други економски пазари, затоа што факт е дека ликвидноста на домашниот пазар е недоволна и предизвикува сериозни финансиски контракции кај економските оператори. Значи, ова е проблем кој бара структурни и системски мерки за да тече полесно бизнисот, а за тоа требаат повеќе пари, кои што македонските компании во овој момент сè уште ги немаат”, вели Зоран Ивановски, универзитетски професор.

Ликвидноста на македонските фирми дополнително ќе биде ставена на тест во наредниот период, особено затоа што корона кризата беше причина за најлошиот квартален економски раст на земјава во последните неколку децении, од -12,7%. Експертите и бизнис заедницата очекуваат неселективни владини мерки, што ќе помогнат за што поскоро заздравување на економијата.