Македонија
18. September 2019 - 16:45

Има ли нерегуларности во постапката за полагање испити во академијата за судии?

Низа обвинувања и шпекулации за местени резултати излегоа по објавените списоци за испитите кои до сега ги положиле кандидатите во академијата за судии и јавни обвинители.  За полагањата сомнеж изразија и од опозициската ВМРО ДПМНЕ кои обвинуваат дека власта ги мести резултатите за да избере луѓе кои се блиски роднини на функционери.

Рокот за увид во резултатите трае до утре. Само вчера и денеска над 100 кандидати дошле да ги проверат резултатите. Дел од нив кои завршија со увид не сакаа да дадат изјава, а нам ни беше забрането да снимаме од вработена во академијата. Таа ги предупреди кандидатите кои чекаа внатре за увид, да не зборуваат пред камера  бидејќи на тој начин ќе го откријат идентитетот а академијата им го штити со шифри.

Според раководителката комисијата прегледувала по шифри и никаде не откриле ниту пак знаеле имиња на кандидати.

На обвинувањата преку соопштение реагираше директорката на академијата  Наташа Габер Дамјановска која тврди дека под внимателна и строга тајност биле изготвувани прашањата а на ист начин биле и доделувани двојни шифри на кандидатите. Според неофицијални резултати од половина процес, не положиле повеќе од 50 кандидати. Меѓу највисоко рангираните се 19 кои досега освоиле 90 од можни 100 поени.