Македонија
5. May 2018 - 19:07

Има ли напредок во спорот за името?

Решение за проблемот со името со Грција во скоро време очекува премиерот Зоран Заев по вчерашната средба на шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас во Солун.  Заев веќе ги добил првите информации од Димитров за тоа како протекла средбата и каков напредок бил постигнат.

Министрите следната недела, на 12 мај, во Атина ќе имаат нова средба со Нимиц. Димитров нагласи дека главните разлики остануваат во однос на прашањето за промена на Уставот, што го бара грчката страна и прашањето за опсегот на употреба, додека Коѕијас рече оти смета дека има извесен напредок во преговорите.

Состанокот на министрите е тема и во грчките медиуми.

Весникот „Катимерини“ ја пренесува изјавата на Коѕијас дека Атина направила отстапки и дека сега е Македонија на ред да ги направи нејзините отстапки, но и дека не ја исклучи можноста за нова средба на премиерите на двете земји.

„Практично, доколку разговорите во Атина донесат резултат, една веројатна можност за средба на господата Алексис Ципрас и Зоран Заев е онаа на 16 мај на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, што ќе се одржи во Софија“, пишува весникот.

Државната телевизија „ЕРТ“, објави дека вчерашната министерска средба поминала во позитивна клима. Телевизијата „Скај“, на официјалниот сајт, пишува дека на средбата, Димитров и Коѕиас разговарале за варијантите на решенија за прашањата за кои постојат разлики.

„Двајцата министри избегнаа да појаснат кои алтернативни сценарија се најдоа на масата ниту пак како соодветно ќе се обликува временската рамка за имплементирање на можниот договор“, пишува „Скај“.