Македонија
21. September 2020 - 16:36

Има ли начин да запрат пресметките помеѓу навивачките групи?

Инцидентот во Ѓорче Петров помеѓу навивачка група и свадбари го расчистува МВР. Во координација со ОЈО презеаат мерки и ќе поднесат кривични пријави. Се утврдува идентитетот на учесниците и се повикуваат во станица на разговор, велат од МВР за Сител. До сега се утврдени 16 лица.

По инцидентот реагираа од навивачката група Комити. Тврдат дека непотребно дошло до инцидентот помеѓу нивниот подмладок и групата граѓани. Во соопштението се вели дека тие како најстара навивачка група имаат свој етички кодекс и заради истиот овие членови на групата ќе се соочат со реперкусии. Комити тврдат дека во конфликтот биле користени пиштоли и значки од МВР надвор од работно време. Велат имаат разбирање што полицијата веднаш постапила со повикување на лица во станица но истовремено посочуваат дека МВР треба да се позанимава и со како што велат инцидентите од минатата недела, каде во три наврати биле нанесени убодни рани со нож кон нивни навивачи. Вината ја гледаат и кај вицепремиерот Артан Груби.

Од владата одговор нема како да се најде решение за настанатите меѓуетнички тензии. Реакција не добивме ниту од вицепремиерот Артан Груби задолжен за односи меѓу заедниците. Во меѓувреме партиите меѓусебно се обвинуваат. Градоначалникот Шилегов тврди дека провокациите се дело на ВМРО ДПМНЕ и им порача да не се поигруваат со емоциите на луѓето.

Од ВМРО ДПМНЕ бараат надлежните еднакво за сите инциденти во кои се поттикнува говор на омраза и етничка нетрпеливост.

Рекција пристигна и од Хелсиншкиот Комитет од каде велат дека двата инциденти кои се случија во една седмица се доказ  повеќе дека не смее да се игнорира потребата од вистинско справување со овој деструктивен феномен.

За последните настани реагиравме со поднесување на пријави до Министерството за внатрешни работи и Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика. Хелсиншкиот комитет во континуитет бара соодветна реакција од страна на надлежните институции, особено од Основното јавно обвинителство. Исто така, во своите реакции Комитетот ги охрабрува жртвите да ги пријавуваат ваквите инциденти од омраза.