Македонија
6. September 2016 - 16:58

Има ли киднапери на деца во Скопје - МВР нема таква пријава

Никој не пријавил во МВР обид за киднапирање на деца во населбата 11 Октомври во Кисела Вода.  Полицијата не знае дали е вистина дека маж и жена кои биле во опел астра без регистарски таблички, завчера во вечерните часови сакале да киднапираат  10 годишни деца кои играле надвор.  Веста многу брзо се прошири по социјалните мрежи. Испаничени родители ја споделуваат информацијата и бараат податоци што и како се случило. Најмногу ги плаши  податокот дека наводните киднапери сакале да ги привлечат децата нудејќи им играчки. Едно се приближило до автомобилот и возачот сакал да го внесе. Но по детското викање, мажот и жената се исплашиле и избегале.

Случајот го коментираат сите,  но никој не знае зошто во  ваква драматична ситуација  не е побарана полициска помош.  Не е познато ни кои се децата како и изворот на информацијата, бидејќи е споделена од илјадници корисници на социјалните мрежи

Родители  на Фејсбук коментираат дека случајот во Кисела Вода не е единствен.  Пред еден месец во населбата Водно, двајца со автомобил убедувале 6 годишно девојче да ја однесат во маркет да и купат играчка. И за овој настан немаме потврда од Министерството за внатрешни работи  дали е пријавен или не. Меѓу коментарите на фејсбук има и такви дека не треба пријава за полицијата да излезе на терен и да истражи како и да ги провери лицата кои објавуваат вакви вести. Додека тоа се случи им останува на родителите да внимаваат каде ги пуштаат своите деца да играат и шетаат.