Свет
2. јуни 2020 - 8:37

Има докази дека убиството на Флојд е извршено со умисла, тврди адвокатот Бен Крамп

Адвокатот на семејството на убиениот Афроамерикенец Џорџ Флојд,  Бен Крамп,  изјави дека има доволно докази да се потврди дека обвинетиот полицаец Дерек Шовин постапил со умисла.

Шовин е обвинет за убиство од трет степен, но Крамп тврди дека станува збор за убиство од прв степен, наведува Би-Би-Си.

-Не ни е јасно како таа постапка не е оквалификувана како убиство од прв степен, изјави Крамп за Си-Би-Ес, а пренесе „Гласот на Америка“.

Тој посочи дека полицаецот го задржал коленото на вратот на Флојд речиси девет минути, што е причина за неговата смрт и потоа за серијата протести низ САД.

-Сметаме дека тој имал намера, рече Крамп.

Џорџ Флојд, невооружен Афроамериканец, почина за време на полициското приведување кога Шовин, според кривичната пријава, го задржал коленото на неговиот врат осум минути и 46 секунди .
 
Во кривичната  пријава се додава дека патологот заклучил дека за смртта на Флојд придонеле комбинацијата од физичкото совладување, можни опојни средства во организмот и здравствените проблеми што ги имал.

Двајца доктори, кои извршиле независна обдукција врз телото на Џорџ  Флојд,  сепак, вчера соопштија дека тој починал од задушување и дека станува збор за убиство.