Свет
17. August 2016 - 8:34

Илјадници ирачки мигранти се вратија во татковината, разочарани од Европа

Илјадници ирачки мигранти се вратиле во последните месеци во татковината, разочарани од Европа, јави ТАСС, цитирајќи извештај на Меѓународната организација за миграција, во кој се анализира миграцискиот бран од Ирак во Европа.

Организацијата соопшти дека во текот на 2015 година и во периодот јануари-јуни оваа година помогнала на 9600 Ирачани да се вратат дома од Европа. Се претпоставува дека реалната бројка на повратниците е многу поголема, бидејќи многумина тоа го направиле самостојно.

Голем дел од Ирачаните се разочарани од бавното темпо со кое во Европа се обработуваат нивните апликации за бегалски статус, како и од условите на живот во бегалските центри во земјите во кои се нашле. Мигрантите очекувале еден начин на живот, а добиле радикално различен и останале крајно разочарани, се вели во извештајот.