Македонија
2. December 2020 - 14:00

ИЈЗ: За 9,9 отсто намален бројот на нови случаи со Ковид-19, зголемен бројот на оздравени

 Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 23 до 29 ноември намален е бројот на нови случаи со Ковид-19. Тестирани се вкупно 18.767 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, што е 4,6 отсто помалку во однос на минатата недела. Регистрирани сe 6.745 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со намалување од 9,9 отсто во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=2.863; 42,4 отсто), со неделна инциденца – 326/100.000. Процентот на позитивни од тестирани во периодот на известување е 35,9 отсто, соопшти Министерството за здравство.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица над 60 години (n=1.624, 24,1 отсто). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30 до 39 години (n=1.409; 20,9 отсто), од 40 до 49 (n=1.258; 18,7 отсто), од 50 до 59 (n=1.210; 17,9 отсто) и од 20 до 29 (n=877; 13 отсто). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=99; 1,5 отсто) и од 10 до 19 години (n=261; 3,9 отсто).

По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, оздравени се водат 5.930 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 16,3 отсто повеќе во споредба со минатата недела.

Пријавени се 206 смртни случаи од 25 града, што е незначително намалување за еден отсто во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 169 лица биле над 60 години, 30 лица на возраст од 50 до 59 години, три смртни случаи се пријавени од возрасната група од 40 до 49 години и четири случаи во возрасната група од 30 до 39 години.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 23 до 29 ноември, како и кумулативната состојба се објавува на веб страницата на ИЈЗ: http://iph.mk/