Loading Video...
Ракомет
5. March 2018 - 13:55

Игор Карачиќ: Најважно е да сме во топ форма за Фајнал-форот

Европскиот првак Вардар со реми ги заврши настапите во групна фаза на Лигата на шампионите, па „црвено-црните“ сега ќе го очекуваат својот противник во четвртфиналната рунда. Освојувањето на првото место во групата на вардарци им донесе директен пласман во четвртфиналето, односно црвено-црните ќе ја прескокнат осминафиналната рунда. 
 
Паузата до втората половина на април месец ќе биде добредојдена за европскиот шампион. 
 
„Најважно е што Вардар е на првото место. Не сме во топ форма и не би било убаво сега да бевме. Очекуваме како и лани да направиме мини циклус на подготовки за она што ќе претстои, да бидеме подготвени за четвртфиналето и за фајнал-форот, тогаш кога ќе биде и најпотребно да сме во топ форма“, изјави Игор Карачиќ.  
 
За место на завршниот Фајнал-фор турнир Вардар ќе се бори со победникот од дуелот меѓу германскиот гигант Кил и унгарскиот ПИК Сегед против кого веќе одигра два меча сезонава. Дуелите од четвртфиналето во кое директен пласман обезбеди и ПСЖ ќе се играат во периодот 18-29 април, додека осминафиналните мечеви на програмата се од 21 март до 1 април. 
 
Двојките за осминафиналето се: 
 
1/8.финале  21.март – 01.април 
БАРСЕЛОНА – МОНПЕЉЕ 
ВЕСПРЕМ – СКЈЕРН 
НАНТ – МЕШКОВ БРЕСТ 
ФЛЕНСБУРГ – КРИСТИЈАНШТАД
*РАЈН НЕКАР ЛЕВЕН – КИЕЛЦЕ 
*КИЛ – ПИК СЕГЕД 
 
1/4 финале 18-29.04.2018
ВАРДАР - * Кил / ПИК Сегед
ПСЖ - * Р.Н. Левен / Киелце