Македонија
20. May 2018 - 11:14

„Игор, Игор“ - ечеше во МОБ, Дурловски се врати на сцената поголем од кога било

Игор Дурловски синоќа триумфира на сцената на Македонска опера и балет (МОБ), кога по брилијантната изведба на Тимур од операта „Турандот“ излезе да ѝ се поклони на публиката, а таа му возврати со овации и со долготрајно скандирање на неговото име.

„Игор, Игор“ ечеше во МОБ додека светски познатиот бас од Македонија им отпоздравуваше на љубителите на оперската уметност што дојдоа да го проследат неговото големо враќање на сцената во рамките на 46. Мајски оперски вечери.

Ова беше прв настап на Дурловски по сите премрежиња со повеќемесечниот затворски, а потоа и домашен притвор како еден од осомничените за настаните од 27 април минатата година во Собрание.

Еден од лидерите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, од 28 ноември 2017 година до 26 јануари годинава беше во истражниот затвор во Шутка, а потоа до 26 март во куќен притвор за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата“.