Македонија
11. јуни 2019 - 16:21

Иџет Мемети: Реформите во правосудството се само од формален карактер

Реформите во правосудството имаат повеќе формален карактер и недостасуваат суштински напори за негово подобрување, вели народниот правобранител Иџет Мемети.

За болната точка во македонската реформска агенда, омбудсманот со став - правосудниот систем во државата е гарантот на функционирањето на системот и тој не може да се подобри само со промена на законите.

“Сметам дека правиме малку напори за суштински да ги подобриме таквите системи...”

Според Народниот правобранител, во судскиот систем не се проблем само кадровските решенија. Целокупната судска мрежа, но и условите во кои се работи придонесуваат за неквалитетно функционирање во правосудството.

Омбудсманот категоричен - потребни се длабоки анализи за тоа какви закони се носат и дали тие се спроведуваат во пракса.

“Ние само носиме закон, а од друга страна не издвојуваме средства да создадеме услови тој закон да се спроведе, од секаков аспект…”

Како конкретен пример за непочитување на закон Народниот правобранител го посочи Законот за финансирање на судската власт, која не добива онолку средства од Буџетот колку што е предвидено.