Спорт плус
3. July 2015 - 15:13

Иџе во битка со италијанските автомобилисти

Најтешката патека е новиот предизвик за македонскиот автомобилист Игор Стефановски – Иџе во рамките на Европското првенство на ридски патеки. Актуелниот шампион Стефановски ќе ја вози седмата трка оваа сезона во шампионатот, а трката ќе се одржува на патеката Тренто-Бондоне која е максимално импресивна по сите стандарди. Нејзината должина изнесува огромни 17,3 километри (вообичаениот европски просек е меѓу 5 и 7 километри), тргнувањето е од надморска висина од 275 метри, а целта е буквално “под облаците“ на врвот Монте Бондоне на 1.650 метри со просечна нагорнина од неверојатни 8,88 отсто. Има безброј свиоци и дури 40 “лактови“. Ваквиот тип на патеки се реткост и се вистински испит и за возилото и за тркачот.
- Патеката е неверојатна од секој аспект. Се што е поврзано со неа е џиновско и масивно и должината и свиоците и нагорнината. Минатата година оваа патека не беше во календарот, па затоа за прв пат ќе се соочиме еден со друг. Навистина предизвикот е огромен, нема шанси да се научи толку долга патека, дополнително треба возилото поинаку да се подготви затоа што ќе треба да истрпи исклучително голем напор. На минатата трка во Полска го искористив присуството на италијанската натпреварувачка Габриела Педрони која ми откри некои специфики околу подготовката на возилото за оваа патека, изјави Стефановски.
Во однос на пријавените, вкупниот нивен број изнесува 235. Во групата Н во која се натпреварува Стефановски има 9 пријавени меѓу кои и двајцата најдобри италијански возачи во оваа група (А. Хафнер и О. Плеј) кои се натпреваруваат со исто возило како и Стефановски. Минатата година на Копа Паулино Теодори во Асколи, Иџе имаше жестока битка со Хафнер од која излезе како победник, но овојпат, познавањето на патеката кое го има италијанскиот првак му носи сериозна предност.
- Од тоа што го знам и двата најсилни домашни возачи во мојата група по потекло се од овој регион и оваа трка си ја доживуваат како домашна. Тоа доволно најавува жестока борба за првото место – вели Иџе.
За разлика од нашиот ас, неговиот најголем конкурент во генералниот пласман, Чехот Јаромир Мали кој се натпреварува во групата А, ќе има значително полесна задача затоа што најдобриот домашен возач во таа конкуренција, поранешниот европски шампион Руди Бичиато е пријавен само за домашниот шампионат, а не и за Европското првенство. За потсетување, во генералниот пласман Стефановски има максимални 125 бода од 6 трки, а Мали има 111.