Спорт плус
3. October 2017 - 15:32

Иџе подготвен за настапот во Чешка

Агенцијата за млади и спорт преку прес конференција го најави настапот на нашиот најдобар автомобилист во ФИА, Игор Стефановски – Иџе, кој овој викенд  ќе ја вози последната трка во Чешка, на патеката Мост, со која ќе се заокружи ФИА ЕТЦЦ шампионатот за оваа година, на која Иџе има огромни шанси за победа и освојување на шампионатот.
На средбата беше присутен комплетниот тим со кој Игор Стефановски Иџе се натпреварува на шампионатот ЕТЦЦ 2017, како и претставници од Агенцијата за млади и спорт.
 
Директорот Каевски во својата изјава потенцираше дека е чест да се биде во присуство на човекот кој дал многу за автомобилизмот.
 – Ми претставува чест што седам до човекот, кој направи многу за автомобилизмот и кој во моментов е четвртопласиран во ФИА ЕТЦЦ шампионатот и победник на последната трка во Белгија. Тој е пример и мотивација на младите луѓе како со посвета и упорност своите желби ги претвори во реалност. Горди сме и како нација зошто секоја победа за Иџе е победа и за Македонија. Агенцијата за млади и спорт секогаш ќе биде покрај Иџе и останува отворена за соработка – изјави Каевски.
 
Автомобилскиот ас Стефановски Иџе истакна дека верува во својот тим и во освојување на титулата.
-Убеден сум во освојувањето на титулата и ветувам дека заедно со мојот тим уште еднаш ќе дадеме се од себе. Патеката Мост е непозната за мене, но и досега докажував дека можам да ги совладам и непознатите патеки. Сите мисли ми се фокусирани на мојот последен настап, и во Чешка одам на победа. Воедно сакам да се заблагодарам на АМС за поддршката што ми ја даваат на мене и на мојот тим која резултира со успех - заврши автомобилискиот ас.
Трката во Чешка е закажана за 8ми октомври.