Спорт плус
31. August 2015 - 12:51

Иџе: Ја живеам и возам најдобрата сезона во кариерата

Најдобриот македонски автомобилист Игор Стефановски – Иџе по одбраната на титулата во Европското првенство на ридски патеки категорија 1, доби понуда од следната сезона да настапува во поатрактивниот  Европскиот шампионат на кружни патеки.
 
- Пресреќен сум и презадоволен по освојувањето на втората европска круна. Направив нешто што не им успеало на неколку генерации пред мене, а тоа е да ја одбранам титулата на ридски патеки. Последен кој може да се пофали со таков подвиг е Германецот Јорг Вајдингер во 2005 и 2006 година. Ја живеам и возам најдобрата сезона во кариерата. На 11 трки имам девет победи, поставив осум рекорди на патеките во мојата класа и мислам дека тоа е најдобар резултат воопшто во категорија 1 од кога постои Европскиот шампионат на ридски патеки, изјави Иџе.
 
Најдобриот македонски спортист за 2014 година со одбраната на титулата на ридски патеки покажа дека неговите квалитети се многу поголеми и дека има шанса за повисоки дострели во многу поатрактивни трки.
 
- Во ФИА веќе го препознаа мојот квалитет и дојде понуда од следната сезона да настапувам во Европскиот шампионат на кружни патеки. Во ова натпреварување има место само за најдобрите возачи од Стариот континент. Трките директно се пренесуваат на познатиот телевизиски канал „Еуроспорт“ и има лимитиран број на автомобилисти. Поканата е голема чест за мене, но е и голема шанса за промоција на Македонија, додава Стефановски.
 
Тој е горд што достојно ја промовира Македонија насекаде низ Европа.
 
- Станавме препознатливи во Европа, а на сите трки македонското знаме не е само кај подиумот, туку и крај патеката, што претставува голема чест за мене. Нашата земја и нашето знаме заслужуваат да бидат на највисокото место на подиумот. Затоа, сакам по завршувањето на сезоната да седнам заедно со моите спонзори и со сите заинтересирани за позитивна промоција на Македонија и да направиме план за евентуален настап на трките на кружна патека. Се надевам дека ќе успееме да обезбедиме доволен буџет и дека Македонија за прв пат ќе има свој натпреварувач во трки кои се директно медиумски покриени и имаат голема гледаност во Европа – вели Иџе.