Македонија
28. March 2019 - 14:00

ИДСЦС: Мажите значително побројни во управувачките структури

Зголемување на критериумите за избор на управувачки структури со фокус на искуството, воведување транспарентна процедура за пријавување и избор со вклучување на јавноста, проверка на постоечките именувани лица, се дел од препораките произлезени од студијата „Кој „тоа“ таму управува?“, направена од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“  – Скопје (ИДСЦС), финансиран од Обединетото Кралство.

На презентацијата на наодите од истражувањето се посочи дека се анализирани 173 јавни органи – јавни и државни  претпријатија и независни регулаторни тела, 48 закони и подзаконски акти со кои се регулира работата и делувањето, назначувањето на членови на управни и надзорни одбори и директори во овие органи.

Миша Поповиќ, еден од авторите на студијата што е дел од проектот „Кон добро управување во државните претпријатија и независните тела”, нагласи дека од истражувањето на биографиите на лицата кои се назначени за членови во управните и надзорните одбори се укажува на недоволно искуство и образование за областите во кои работат организациите кои ги управуваат, но се забележува и значителна родова нееднаквост во застапеноста во управувачките структури.

-Шеесет и три отсто од членовите на надзорни одбори имаат работно искуство помало од пет години. Дури 43 отсто од членовите во управните одбори немаат работно искуство во областа на институцијата. Најголемиот недостаток во процесот на именување на раководните структури претставува работното искуство. Според анализираните биографии, кај 51 отсто од случаите именуваните лица немале искуство во областа на работата на институциите или, пак, тоа искуство е до пет години. Пет отсто од членовите на управни и надзорни одбори се со средно образование. Има дури и директори со средно со средно образование. Мажите  се значително побројни во управувачките структури, само 29 отсто од управувачките структури се жени, а од директорите пет отсто, рече Поповиќ.

Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација изјави дека еден од клучните столбови на Стратегијата за реформа на јавната администрација е деполитизацијата и професионализација на администрацијата.

-Веќе некое време работевме со сите заинтересирани страни и го објавивме предлог-законот за високо раководна служба и работиме заедно со Европската Комисија на реорганизација на институциите на системот. Овие процеси се обидуваме да ги водиме со вклученост на граѓанскиот сектор и да бидам искрен во тие проекти во кои ги спомнав, ние се фокусиравме на органите на државната управа и високо раководната служба, односно да создадеме начини, механизми, транспарентни услови во кои би се избирала високо раководна служба, рече Манчевски.
 
Тој нагласи дека тие како институција немаат доволно капацитети за сите системски грешки децениски наназад во државата и за тоа им е клучна соработката со граѓанскиот сектор за анализи и експертиза која често недостасува во институциите.

Британската амбасадорка во земјата Рејчел Галовеј нагласи дека доброто управување нема место за корупција и распределбата на јавните финансии е делотворна.

– Како граѓани, инвестираме во нашите институции преку даноците што ги плаќаме. За возврат, од институциите очекуваме транспарентност во трошењето на нашите пари, во поставувањето луѓе на раководни функции во заложбите за разноличност и во извршувањето на задачите, рече амбасадорката Галовеј.