Македонија
26. March 2016 - 16:10

Идомени почна да се празни од мигранти - Во ТЦ Табановце префрлени 237 мигранти од граничната линија со Србија

Грчките власти го започнаа најавеното преместување на мигрантите од дивиот бегалски камп кај Идомени кој се наоѓа непосредно до граничната линија со Македонија. Првата група од околу 400 бегалци со осум автобуси од  кампот Идомени кон центрите за сместување во регионот била евакуирана вчера. Денеска во кампот пристигнаа уште  десетина автобуси со кои требаше да се пренесат новите групи бегалци кои донеле одлука да тргнат и да го напуштат истиот.

Во меѓувреме кај Идомени остануваат околу 11 600 бегалци, дел од нив не се инфомирани за можноста да бидат сместени во некој од организираните кампови. Најголемиот дел се надеваат  дека сепак ќе имаат можност некако да го продолжат патувањето.

-Тука сум 25 дена. Знаеме дека границите се затворени, но се надеваме дека Европската Унија ќе донесе друга одлука и дека ќе може да продолжиме понатаму.Гледаме дека почнаа да доаѓаат автобуси, но немаме многу информации околу преместувањето. Доколку ни понудат да одиме во другите кампови секако дека ќе прифатиме, вели еден од  бегалците од Сирија

Во меѓувреме почна да се расчистува и меѓуграничниот простот на границата со Србија. Околу 230 мигранти кои повеќе од три недели се наоѓаа на граничната линија помеѓу Македонија и Србија вчера биле префрлени во транзитниот центар во Табановце.

Од нив 42 – ца  изразиле желба да заминат во транзитниот центар Винојуг. Денеска тие веќе пристигнаа во гевгелискиот транзитен центар со што  моменталната бројка на бегалци кои престојуваат во него  се искачи на 128, додека во Табановце во моментов има 1038 бегалци.