Свет
8. February 2017 - 12:47

Идниот претседател на Сомалија се избира на аеродром

Сомалиските пратеници денеска гласаат за нов претседател на држава. Гласањето за идниот шеф на државата се одвива на аеродромот во Могадишу бидејќи тоа е најбезбедно место во главниот град на Сомалија.

Безбедносните мерки се преземени поради нападите од страна на радикалната исламистичка група Ал Шабаб.

Актуелниот претседател на Сомалија Хасан Шеик Мохамед има 20 противкандиати, меѓу кои и премиерот Омар Абдурашид Али Шармарк, поранешниот премиер Мохамед Абдулахи Фармаџио и поранешниот претседател Шариф Шеик Ахмед, кој е умерен исламист.

Според аналитичарите ниту еден од кандидатите не може да освои две-третини од гласовите во првиот круг и затоа ќе има и втор и трет круг гласање во сомалискиот Парламент.

Првично изборот за претседател на Сомалија беше предвидено да се одржи во Полициската академија, но беше оценето дека аеродромот е побезбедно место.

Сообраќајот во Могадишу е забранет, училиштата се затворени и воведена е зона забранета за летови над градот со цел превенција од напади.

Од 1969 година во Сомалија не се одржани демократски избори каде еден човек може да даде еден глас, јави Би-Би-Си.

Повеќе од 20.000 припадници на Африканската унија се стационирани во Сомалија во обид да ја спречат милитантната исламистичка група Ал Шабаб да ја преземе власта во државата.