Македонија
18. October 2021 - 8:08

Иднината на Европа тема на состанокот на Меѓународното европско движење во Рим

Иднината на Европа, вклучувајќи го и регионот на Западен Балкан ќе биде тема на разговор на состанокот на Меѓународното европско движење што ќе се одржи денеска и утре во Рим.

Во име на македонското Европско движење е испратена порака по повод Самитот ЕУ-Западен Балкан, во вид на изјава, која ќе биде пренесена на состанокот. Изјавата е потпишана од претседателката на  Европско движење во Република Македонија, Милева Ѓуровска.

Во продолжение следува интегрално изјавата на Ѓуровска:

Во деведесеттите години на ХХ век Европа беше соочена со еден од поголемите воени предизвици по Втората светска војна – конфликтното распаѓање на поранешна Југославија со ризик тој да се прошири на Балканот, но и пошироко. Крајот на конфликтот беше одбележан со создавање на нова регионална мапа на независни држави, кои ги определуваа своите идни определби и приоритети. Без исклучок, за сите држави на Балканот приоритет беше зачленувањето во Европската Унија, цел која веќе е исполнета од повеќе држави во Регионот, а во однос на другите држави не се поставува прашањето: дали? Туку, како и кога?.

Република Македонија (денешна Република Македонија), стекнувајќи независност по мирен пат во 1991 година успеа да изгради широк општествен консензус за придружување кон европската заедница на демократски држави и слободни граѓани. Нашите граѓани и нивните политички претставници, без оглед на националните, верските и други разлики, уште во тоа време, дадоа целосна поддршка за европскиот пат за натамошниот развој на новата држава. Така, анкетите за јавно мислење низ изминатите 30 години ја потврдуваат ваквата определба со многу висок процент на граѓани кои безрезервно го подржуваат членството во ЕУ (во првите десет години со над 98 отсто) покрај сите тешкотии и условености што го прават бавен евроинтеграцискиот процес во ова парче земја на Европа.

По визионерската Декларација од Самитот „Европска Унија – Западен Балкан“ од Солун 2003 година, во која јасно и недвосмислено е истакнато дека иднината на регионот е во Европската Унија, денешните пораки, особено оние пренесени од неодамнешниот Самит одржан на Брдо кај Крањ ја засилуваат реториката на континуирано условување спакувано во дипломатска амбалажа. Во декларативни ветувања за посветеноста на ЕУ на процесот на проширување недостасува определена временска рамка, недостига конкретно охрабрување и разговор за сериозните (мошне скапи) реформски чекори за да сфатат граѓаните дека по исполнувањето на обврските државата ќе стане полноправна членка на Европската Унија. Европската Унија комуницира со институциите и со владините претставници, а ние комуницираме со граѓаните и знаеме дека тие, како и досега, решението го гледаат во забрзувањето на евроинтеграцискиот процес, бидејќи поминаа 20 години од Договорот за стабилизација и асоцијација, а се проголта и промената на името, но резултатот е оскуден. Исто така, промената на дискурсот што ЕУ го има со граѓаните на државите – кандидатки за членство би придонело граѓаните подобро да го разберат евроинтеграцискиот процес, но и ЕУ да разбере подобро кои се бариерите за напредување во реформите.

Проектот „Иднината на Европа“ или проектот за демократизација на Големиот европски проект би можел да се реализира и во државите – кандидатки, се разбира на поинаков начин.

Европеизацијата на Република Македонија отсекогаш претставувала силен мобилизирачки фактор за реализирање на сложените, но неопходни структурални општествено-економски и политички промени. Тоа го покажуваат и извештаите на Европската комисија за напредокот на државата во реализирањето на обврските. Веќе можат да се прочитаат 7 извештаи со позитивно мислење и препорака за почеток на пристапните преговори. Сепак, патот кон ЕУ останува затворен со ветото од страна на соседна Бугарија со барањата што ја загрозуваат автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет. Прашањата што ги поставуваат граѓаните во врска со овој билатерален проблем повеќе се адресираат до ЕУ, отколку кон соседна Бугарија, а едно од нив гласи: Што се случува со фундаменталните права од Европската конвенција, меѓу кои е првото на самоопределување и почитувањето на културната и јазичната разновидност? Дали покажувањето на моќ стекната од позиција на членство во ЕУ е соодветно применета кон држава што аспирира за членство? Зошто ЕУ не се ни обидува да го стави билатералниот спор во рамка според која биле решавани билатералните спорови со други држави (скорешниот случај со Хрватска и Словенија)? Во чекањето на одговор опаѓа поддршката на граѓаните, иако за евроинтеграцијата и натаму доминира позитивен став со 68 отсто прифатеност. Почитувањето на општоприфатените меѓународни конвенции и декларации за правото на самоопределување во водењето на билатералните спорови преставуваат conditio sine qua non.

Европската Унија како најголем економски и политички партнер на Република Македонија треба да го напушти општиот (декларативен) пристап и да ги исполнува ветувањата, креирајќи перцепции во европската јавност дека и Западниот Балкан е иднината на Европа. Доколку навистина прашањето за проширувањето е добро поставено во ЕУ неопходни се конкретни и јасни патокази за напредокот кон полноправното членство. Во наредниот период за преземање клучни економски и социјални реформи од особено значење е поддршка од страна на ЕУ предвидена со Економскиот и инвестициски план, Зелената агенда за Западен Балкан и други конкретни проекти. Наша задача е да обезбедиме транспарентност на целиот процес со независни плуралистички медиуми и со зајакнато граѓанско општество.

Македонските граѓани се свесни за актуелните состојби во самата Европска Унија, која се соочува со последиците од пандемиската криза (здравствени, економски, социјални), за промените по Брегзит и потребата од реструктурирање и симболичко зајакнување, како и многу други предизвици наметнати од глобалните процеси. Токму во тој контекст, треба да се истакне потребата од јакнење на евроинтеграциските процеси во регионот за да не се остави простор за делување и влијание на други глобални сили, вовлекувајќи ги овие мали држави во глобални геостратегии со ризик да биде загрозена кревката стабилност во регионот.

Од безбедносна перспектива, државите од Западен Балкан претставуваат портата на Европа на што укажа големата мигрантска криза во 2015/2016 година. Фронтекс се потврди како ефикасен инструмент и брана на заедничките интереси во оваа чувствителна област поставена на влезот во Европа. Но, Република Македонија не може да биде членка на Фронтекс поради неумесното вето поврзано со непризнавање на јазикот – повторно од соседна Бугарија.

Неразбирливо е кој било и со какви било образложенија да го попречува овој вид на партнерство и соработка меѓу Унијата и сите држави од нашиот регион.

Европското движење во Република Македонија во изминатите четири години ја води Национална конвенција за Европската Унија, што претставува институционализирана платформа за водење широк дијалог за прашања поврзани со европската интеграција во пет многу значајни области (Правосудство и основни права – Поглавје 23, Правда, слобода и безбедност – Поглавје 24, Животна средина – Поглавје 27, Социјална политика и вработување – Поглавје 19) и Земјоделство и рурален развој – Поглавје 11). Во дебатите досега учествуваа над 3000 стејкхолдери – претставници на институциите, граѓанските здруженија, академската средина и други засегнати страни). Искуството стекнато во Конвенцијата (web: nkeu-mk) и обидот да се постигне консензус за витални прашања од преговарачката агенда за членство во Унијата ни даде можност да ги оформиме ставовите што ги изнесовме погоре во текстот.

За многу од граѓаните патот кон Европа е еден вид маратон каде линијата на целта постојано се поместува, маратон на кој секоја пречка го забавува, а охрабрувањето го забрзува.