Бизнис
11. December 2018 - 21:49

Идната стратегија за туризмот ќе одреди какви туристи ќе привлекува земјава

Бизнисот не смее да чека само државата да работи на развојот на туризмот, советуваат туристичките работници од Црна Гора. Стопанството и државата мора заедно да работат на ова поле.

Допрва ќе се прави долгорочна стратегија за одржлив туризам до 2030 година. Македонија мора и да одлучи каков туризам ќе развива, за што треба да се земат предвит предностите на земјата.

– Многу е важно да се направи вистинска стратегија во кој правец треба да се движи вашата држава. Што е тоа што треба да го направите вие, а што треба да направи државата, изјави Вука Булатовиќ, сопственик на туристичка агенција во Црна Гора.

Голем проблем е што туристите во земјава не престојуваат доволно долго. Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот уверуваат дека се работи на нивно задржување. Следната година ќе се отвораат и нови пазари.

- Во 2019 година Македонија ќе се потруди да отвори нови пазари, романскиот, германскиот и шпанскиот, но нема да заостанат и традиционалните, како и оние како полскиот, што се во подем. Договорени се веќе аранжмани со Турција за 2019 и 2020 година, вели директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Љупчи Јаневски.

Црна Гора и Словенија имаат сосема различни туристички понуди, секој според своите предности. Црна Гора е фокусирана на елитниот туризам, а Словенија се нуди како зелена дестинација.