Свет
19. February 2016 - 15:26

ИД се повеќе користи деца војници

Бројот на деца кои загинале борејќи се на страна на џихадистичката група Исламска држава последната година е речиси двојно зголемен во однос на претходни проценки, се наведува во денеска објавен извештај.

Како што јави Би-Би-Си, научниците од Државниот универзитет на американската држава Џорџија до тој податок дошле следејќи ги објавите на џихадистичките пропагандни медиуми и некролози што ги објавила ИД во текот на последните 13 месеци.

Врз основа на тоа истражувачите утврдиле дека 89 момчиња на возраст од осум до 18 години загинале извршувајќи различни борбени задачи за ИД.

Научниците заклучиле и дека во операциите на ИД во текот на минатата година учествувале трипати повеќе деца во споредба со 2014 година.

- Од јануари 2015 до јануари 2016 година 39 проценти од момчињата загинале во самоубиствени мисии, а 33 отсто во борби. Сигурно загинале многу повеќе деца. Оваа се само податоци кои ИД јавно ги објавила во текот на минатата година, изјави еден од коавторите на извештајот Чарли Винтер.

ИД не ги објавила вистинските имиња на загинатите деца, па истражувачите ја процениле нивната возраст и националност. Тие веруваат дека 60 проценти од момчињата била на возраст од 12 до 16 години, а шест отсто меѓу осум и 12 години.

Околу 18 проценти од момчињата загинале во акции во кои немале шанси да преживеат.

Еден од најмладите бомбаши-самоубијци бил на возраст меѓу осум и 12 години, а загинал минатиот месец во сириската провинција Алепо. ИД објавила негова слика на која тој се простува од својот татко.

Најголемиот број на деца кои се борат на страната на ИД се од Сирија и од Ирак, но има и од Јемен, Саудиска Арабија, Тунис и Либија. Мал број деца се Велика Британија, Франција, Австралија и од Нигерија.