Македонија
6. January 2018 - 16:34

Ибрахими, потпретседателот на БЕСА поднесе оставка поради поразот во Чаир - Заев очекува ВМРО-ДПМНЕ да се врати во Собранието

Зекирија Ибрахими, потпретседателот на БЕСА поднесе оставка од својата партиска функција. Причината за потегот, како што напишал самиот на својот профил на Фејсбук, е поразот на локалните избори што тој го доживеа во општина Чаир, каде што беше кандидат. Избрахими тогаш изгуби од кандидатот на ДУИ Висар Ганиу и тоа во вториот круг.

- Во знак на почитување на вредностите поставени од Движење БЕСА, а по резултатите на локалните избори во трката за градоначалник на Чаир, поднесувам оставка. Ние во БЕСА мора да се разликуваме, како што прифаќаме признанија, мора да знаеме да понесеме и одговорност, напиша тој на својот профил.

Ибрахими во јавноста стана познат како пратеникот кој од собраниската говорница ја пееше албанската химна на 27 април. По кандидатурата за градоначланик тој се повлече од пратеничката функција.

Извори од „Беса“ коментираат дека потегот на Ибрахими може да значи и преструктуирање на целото движење. Не се исклучени и нови оставки од раковдството или пак, промени во пратеничката група која сега е во опозизција. Неизвесно е како тоа ќе се одрази во учеството во работата на параламентот и распоредот на силите.

Во меѓувреме премиерот Заев во интервју за мкд.мк  вели дека се надева дека Собранието ќе почне да работи нормално, а опозциската ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати во парламентот.

- Од средбата со новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, добив на знаење дека генералната тенденција е да учествуваат во Собранието. Веројатно тоа е врзано со некои одлуки што допрва треба да ги носат, поврзани со притворите за пратениците и другите лица. Тоа се нивни одлуки, но јас се надевам дека сепак ќе преовладее одговорноста кон државата. Опозицијата има одговорност, секако помала од власта, но има одговорност. Искрено се надевам дека ќе се вратат во парламентот за да работиме, вели Заев во интервјуто.

Тој вели дека се согласиле со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека неопходно учеството на опозицијата во процесот на реформите.